Македонија
Спасовски им врачи плакета на авторите на „Медена земја“
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, имаше средба со авторите на филмот „Медена земја“, документарецот кој од премиерата на филмскиот фестивал „Санденс“ на 28 јануари 2019 година освои десетина други највисоки филмски награди во светот и беше номиниран на 92. церемонија на „Оскарите“ во две категории: за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм.
Поздравувајќи ги режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и кинематографот Самир Љума, премиерот Спасовски уште еднаш им честита на филмските работници за значајниот успех и заедно со своите колеги од Владата во опуштена атмосфера им ја искажаа огромната благодарност за гордоста што им ја приредија на сите граѓани на нашата држава со создавањето на документарниот филм „Медена земја“.
„Ви благодарам што нè направивте горди со освоените награди и номинациите. Вашите успеси се големи и ние како Влада донесовме повеќе заклучоци во однос на изразување признание за успесите и нивната реализација“, рече премиерот Спасовски, кој беше придружуван од министерот за култура Хусни Исмаили, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, советничката за култура, Цветанка Ласкова, и Бранко Петровски од Агенцијата за филм.
Присутните истакнаа дека со одлуките на Владата, меѓу кои преку Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе се организираат серија едукативни настани, како и задолжувањата преку Министерството за култура и Министерството за образование и наука, ќе се организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта и универзитети кои во земјата имаат единствена цел – понатаму се афирмираат и пренесуваат благородните пораки на документарниот филм, кој е посветен на приближувањето на еколошките теми, љубовта кон природата, но и односот и почитувањата на семејните врски.
Екипата на „Медена земја“ изрази задоволство од интересот и одлуките на Владата изнесувајќи ги своите ставови во однос на подобрување на условите на филмската кинематографија во нашата земја давајќи предлози за поуспешно претставување на нашите филмови и фестивали на меѓународната сцена. Тие споменаа дека дел од успехот е и на кинематографот Фејми Даут, кој поради службени обврски беше отсутен.
Премиерот Спасовски на членовите на тимот им додели плакета како знак за признание за историскиот успех, а тие нему му пренесоа поздрави и тегла мед од производството на пчеларката Хатиџе Муратова, еден од главните ликови на документарецот „Медена земја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

