Македонија
Спасовски на конференција во организација на ОБСЕ посветена на Еврејската заедница
Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Голдстајн, претседателот на Еврејската заедница на Северна Македонија, Леви, и координаторот во Европската комисија за борба против антисемитизмот, Вон Шнурбајн, присуствуваше и се обрати на конференцијата во организација на ОБСЕ посветена на Еврејската заедница на Северна Македонија, а која е дел од проектот „Од зборови во дела“, што се очекува да предизвика конкретна акција на институциите на глобално ниво за справување со нетолеранцијата кон еврејската заедница.
Во своето воведно обраќање министерот Спасовски посочи дека во својата суштина антисемитизмот не се однесува на Евреите. Во фокусот на антисемитизмот се антисемитистите. И тој главно е поврзан со немоќта да се прифати одговорноста за сопствените неуспеси, а да се бара виновникот на некое друго место, што подалеку од нив самите.
„Сето ова го имавме предвид кога го креиравме концептот едно општество за сите поаѓајќи од фактот дека вистинските вредности на едно општество доаѓаат од способноста да го прифати и почитува различното, да ја препознае и негува индивидуалноста исто како и колективноста, да ги штити, апсорбира и негува човечките надежи, стремежи, перспективи и амбиции. Во суштина, во таа способност да не доминирате со другите лежи моќта на една заедница. Северна Македонија претставува пример дека ваквата политика и овие вредности, како наша верба и определба, може да функционираат и на Балканот“.
Министерот Спасовски истакна дека и покрај ова, институциите се должни да бидат будни, особено при обликувањето на политиките за човековите права и слободите, за борба против антисемитизмот и расизмот, за глобална акција против говорот на омраза, но и за брз ефикасен одговор кон сите обиди за појава на каква и да е омраза, односно во состојба на една постојана превентивност во еден поширок меѓуинституционален аспект, кој опфаќа низа општествени сегменти – образование, култура, социо-економски фактори и слично.
„Од страна на Министерството за внатрешни работи таквиот вид омраза ќе биде благовремено детектиран и бескомпромисно спречен во самиот корен. Но, и сите другите институции во државата се широко отворени за иницијативи и идеи во насока на заедничко превенирање на таквите тенденции“, заврши министерот Спасовски истакнувајќи дека еврејската заедница овде во Македонија е тесно вткаена во севкупниот живот и развој на нашето општество како дел од овдешната култура, традиција и воспитание и ја сподели својата надеж дека заеднички ќе успееме да извојуваме уште една победа против предрасудите и омразата во светот денес, а за одново оживување на солидарноста, сочувството, толеранцијата и хуманоста, како највисоки идеали кон кои човештвото тежнее.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.