Македонија
Средба на директорот на Царината со висока делегација од корејската царина: одличен прогрес на системот за управување со ризици и податочен склад со грант од Кореја

Системот за управување со ризици и податочен склад со грант од Република Кореја ќе претставува еден од темелите за економски развој на државата. Реализацијата на системот се одвива во согласност со планот, при што тој се очекува целосно да биде имплементиран до крајот на август. Модернизацијата на Царинската управа ќе придонесе за подобрување на капацитетите на Царинската управа во прибирање повисоки приходи во буџетот и заштита на општеството. Ова беа заклучоците од денешниот настан со висока делегација на корејската царина, на кој беше презентиран прогресот од имплементација на проектот.
„Развојот на царинските системи за нас е динамичен процес што го следи повеќегодишниот стратешки план за е-царина на ЕУ. Ефикасното управување со ризикот е клучен елемент за овозможување непречено одвивање на легалната трговија, а во исто време и идентификација на нелегалните активности. Севкупно, овој проект ќе придонесе за подобра заштита на интересите на граѓаните и бизнис-заедницата преку идентификување на високоризичните пратки и навремена реакција со соодветни царински мерки“, истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и притоа ја истакна важноста од поврзаност на системот со другите системи што ќе се развиваат во иднина.
Од двете страни беше истакната важноста од продлабочување на соработката сѐ со цел зацврстување на врските помеѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: Врв на неспособност, граѓаните едвај врзуваат крај со крај а власта им вели „немаме магично стапче“

Додека власта сака да им каже на луѓето дека не знаат како живеат, дека цените не растат, дека не е се поскапено и дека тече мед и млеко, сите податоци покажуваат дека граѓаните живеат сè потешко и посиромашно, истакна денеска Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
„Синдикалната минимална кошница е поскапа за речиси 5.000 денари, само за една година. Во исто време, минималната плата порасна за само 1.800 денари.
-Зеленчукот поскапел за 63,3%, а овошјето за 33% само за една година.
-Инфлацијата е 4,8% и ги јаде примањата на граѓаните.
-Реалната плата во јуни порасна за само 3,8%, додека со мерките на СДСМ растот беше над 11%. За прв пат по долго време имаше и пад на просечната плата споредено со претходниот месец. Со други зборови: цените растат, платите мируваат, а куповната моќ на граѓаните паѓа“.
За само една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, според Кузеска, Македонија е доведена во најголема економска несигурност досега.
„Министерката за финансии Кочовска вели дека владата „немала магично стапче“ за инфлацијата.
Тоа е само изговор. Владата не е таму да се правда додека се луксузира на грбот на народот, туку да преземе мерки.
Сите земји во регионот, Србија, Бугарија, Хрватска, имаа навремени мерки и интервенции за цените и инфлацијата. Само во Македонија граѓаните се оставени сами на себе. „Немаме магично стапче“ е врв на неспособност и значи дека оваа власт нема ниту план, ни волја да им помогне на граѓаните.
Не треба „магично стапче“ треба владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги прифатат предлозите на СДСМ за покачување на минималната плата на 500 евра, на укинување на ДДВ за храна и покачување на платите во сите сектори“.
Додава дека платите во Македонија се само 35 % од европските просеци а цените, пак, достигнуваат 60% од европскиот просек.
Тоа, како што оцени Кузеска, значи дека граѓаните плаќаат речиси европски цени, а живеат со трипати пониски плати.
Проблемот, како што вели, не е кај работниците ниту во магичните стапчиња, туку во оваа влада што според Кузеска, свесно држи ниски плати за да им одговара на бизнис-елитите блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
„Почетокот на есента е еден од економски најтешките периоди за македонските семејства и СДСМ ќе ја продолжи борбата за повисоки плати. Законските решенија повторно ќе ги поднесеме. Тоа е борба за достоинствен живот“.
Македонија
Никоски: На Кисела Вода и требаат „паметни“ семафори

Игор Никоски, едно од имињата што сè почесто се споменуваат како потенцијален кандидат за градоначалник на Кисела Вода, во моментов директор на Управата за животна средина и долгогодишен вработен во Општина Кисела Вода, во интервју за „Макакс“ зборува за својата визија и иднината на општината. Со повеќе од 17 години искуство во локалната администрација и непосредна работа на терен, тој ја истакнува разликата меѓу локалното и централното управување и ја нагласува потребата од комбинирање на стратегиски политики со практични решенија за граѓаните.
Никоски посочува дека неговиот најголем адут е долгогодишното искуство и конкретниот пристап кон решавање на проблемите, додавајќи дека „Кисела Вода заслужува европски решенија – од модерна комунална инфраструктура и дигитални услуги, до нови зелени површини и квалитетна јавна чистота“.
Иако неполна година сте директор на Управата за животна средина, жителите на Општина Кисела Вода ве препознаваат како долгогодишен вработен во општината, а подоцна и како шеф на инспекциската служба. Кажете ни, каква е разликата во функционирањето на централната и локалната власт, гледано од вашата професионална перспектива?
„Разликата е суштинска. На локално ниво сте во постојан контакт со граѓаните, ги слушате нивните проблеми и реагирате директно на терен. На централно ниво работата е повеќе стратегиска, со поширок опфат и резултира со носење политики кои се применуваат низ целата држава. Двете искуства се важни – од ситните, секојдневни предизвици на граѓаните до стратешките компоненти кои ја движат државата. Морам да истакнам дека унапредувањето на животната средина на државно ниво бара координирана активност на повеќе институции, ефикасна меѓуресорска соработка и интензивни едукативни програми. Од друга страна, локалната инспекциска работа подразбира поголема ажурност во откривањето прекршувања и доследна примена на казнени одредби. Комбинираното искуство ми овозможува да ја спојам стратегијата со конкретната работа на терен“,
Големото искуство во општината, но и вашето долгогодишно политичко искуство, придонесоа вашето име да се споменува како еден од потенцијалните кандидати за градоначалник на Кисела Вода. Кој е вашиот најголем адут?
„Точно е дека моето име се споменува, иако би сакал да нагласам дека сите потенцијални кандидати се чесни луѓе со капацитет да придонесат за општината. Јас сум човек кој целиот свој живот го има поминато во Кисела Вода. Со долгогодишно искуство во општината и во рамките на мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, секогаш сум бил достапен за граѓаните. Како шеф на инспекциската служба секојдневно бев на терен – решававме диви депонии, проблеми со канализација, дивоградби.
Мојот најголем адут е искуството и конкретниот пристап во решавањето на проблемите. Луѓето знаат дека не давам празни ветувања, ниту политиката ја гледам низ призмата на личен интерес. Напротив, јас сум човек од народот и за народот. Дополнително, транспарентноста и достапноста се вредности на кои инсистирам – граѓаните ќе имаат право да предлагаат идеи и да бидат дел од процесот на одлучување. Верувам дека мојата професионална биографија, комбинирана со квалитетна програма, е клучната разлика што можам да ја понудам“.
Имате ли веќе конкретни планови и проекти за развојот на Кисела Вода?
„Да. Работејќи над 17 години во општината и живеејќи тука над 40 години, добро ги знам предизвиците и имам конкретни решенија. Најважно е подобрување на комуналната инфраструктура. Иако изминативе години многу работи се решија, сè уште постојат населби без соодветна водоводна и канализациона мрежа, што е неприфатливо за 21 век. Имаме проблеми и со јавната чистота, осветлувањето, сообраќајот и енергетската ефикасност.
Мојата визија е да се надградат постоечките успеси и да се воведат нови европски решенија – проширување на зелените површини, изградба на нови паркови со спортски содржини, целосна дигитализација на услугите на општината (онлајн пријави, електронски документи, транспарентен буџет), енергетска ефикасност на јавните објекти и „паметни“ семафори. Особен акцент ќе ставам на младите преку отворање младински клубови и функционален младински совет“.
Како планирате да ги вклучите граѓаните во носењето одлуки и да ја зголемите транспарентноста?
Граѓаните ќе бидат во срцето на одлучувањето. Ќе организираме редовни средби по месни заедници и консултативни средби за конкретни проекти. Ќе се развие модерна онлајн платформа и мобилна апликација „Пријави проблем“, каде жителите во реално време ќе пријавуваат дефекти или проблеми, а општината ќе реагира брзо. Исто така, ќе објавувам редовни извештаи за трошоците и реализацијата на проектите, со детални информации за буџетот. Целта е граѓаните да се чувствуваат вклучени и да имаат доверба во локалната власт“.
Имате ли порака за граѓаните доколку станете кандидат за градоначалник?
„Ќе им порачам дека заедно можеме да изградиме општина која ќе биде пример за цела Македонија – со чисти улици, зелени паркови, модерни училишта, безбедна инфраструктура и бројни културни и спортски настани. Тоа не се празни зборови, туку план кој ќе биде реализиран. Моите врати секогаш ќе бидат отворени за граѓаните – за нивните идеи, предлози и критики. Општината е на граѓаните, а нашата должност е да им служиме чесно, одговорно и професионално“.
Македонија
Арсовска: „Такво време дојде, ем да тепаат жени, ем да глумат жртви дека се тепани“

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска со објава на социјалните мрежи пред утрешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, на кое по изведувањето на доказите и сослушување на сведоците, ќе има завршни зборови со кои постапката за насилството влегува во својата последна фаза, информираат од нејзиниот кабинет.
„Командант Барути Љамалари на вчерашното судење се обиде да поднесе кривична пријава за насилство извршено од моја страна врз него.
Тврди дека сум го тепала со лекарски извештај од дигестивен хирург изваден отпосле во градска болница, кој му дал потврда по негово кажување дека повреди имал на ногата ќутекот што го јадел од мене.
Судот и обвинителството вчера одбија од него да прифатат кривична пријава, со која командантов Барути Љамалари тврди дека сум го тепала“, вели Арсовска.
На утрешното судење, додава Арсовска, ќе има завршни зборови, искрено вели, би сакала од него уште еднаш гласно да слушне „како јадел ќутек“.
„Такво време дојде ем да тепаат жени, ем да глумат жртви дека се тепани“.