Македонија
Стефанова: Не се согласував со Јанева, таа одлучи за времен пасош и куќен притвор за Камчев
Само неколку минути по писмената изјава на специјалната обвинителка Катица Јанева, со став на официјалната веб-страница на СЈО излезе и обвинителката Лиле Стефанова, која вели дека осомничениот во „Империја“ Орце Камчев се обидел да ја дискредитира во снимката објавена во весникот „Ла верита“, а претходно, како што вели таа, истиот се обидел и да влијае врз неа уште кога случајот бил во предистрага. Стефанова вели и дека за повеќе одлуки поврзани со случајот „Империја“ не се согласувала со Јанева.
„Во август 2018 година осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата што се одржа во просториите на специјалното јавно обвинителство, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за ‘неговите пријатели’, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме што било во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски. Во понатамошниот тек на постапката повеќе ниту едно лице од мене лично не побарало ништо во врска со овој предмет ниту, пак, ми било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева“, вели Стерфанова.
Стефанова тврди и дека во декември 2018 година, таа како предметен обвинител изразила несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот „Империја“, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор затоа што според неа куќниот притвор не би можел да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата, што се покажа како точно, имајќи ги предвид сега објавените снимки.
„Во месец март 2019 година јас не се согласив и со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање времена патна исправа на осомничениот Цветан Панделески, но и покрај моето спротивставување, таква согласност беше дадена. Одлуката да биде дадена согласност за издавање времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење“, тврди Стефанова.
Стефанова открива детали и од состанокот што се одржал на 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева поврзан со предметите „Империја“ и „Поштенска банка“.
„Конкретно, ни беше наложено, најдоцна до 6 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмет кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите ‘да бидат тука затворени’ и осомничените ‘да не одат во затвор’. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот ‘Империја’ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период“, стои во писмената изјава на Стефанова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

