Македонија
Стоилковски: Недозволиво е на човек баран со меѓународна потерница да му се даде безбедносен сертификат
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека државата ќе се соочи со опасност доколку Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа, добие безбедносен сертификат.
„Со степен државна тајна се класифицираат информации или материјали чие неовластено откривање или употреба би можело да им наштети на трајните интереси на Републиката и со тоа директно да го загрозат уставниот поредок, независноста и територијалниот интегритет на Републиката, да ја загрозат внатрешната стабилност на Републиката и директно да доведат до масовни човечки губитоци“, рече Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ, кој додаде дека ова е членот 2 од Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации, кој укажува на ризиците од поставувањето на командант Хоџа на висока функција во владата.
Според Стоилковски, лице чиешто име се поврзувало со убиство на полициски службеник, не смее да има допир со државни тајни.
„Затоа Џезаир Шаќири, новиот советник на Зоран Заев за безбедност и за борба против радикализмот, не смее да добие сертификат што се однесува на безбедноста во државата. Во еден друг член, членот 38, од Законот за класифицирани информации, како услов за добивање ваков сертификат меѓу другото се наведува: ‘Активностите на лицето да не укажуваат на постоење безбедносен ризик за користење класифицирани информации’“ изјави Стоилковски.
Според него, со ваков безбедносен сертификат, со степен на државна тајна ќе се стекне новиот советник, или како што велат од владата „надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борбата против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на претседателот на Владата“. Како што објаснува Стоилковски, со ваков сертификат треба да се стекне советникот на Заев, командант Хоџа, човек којшто се наоѓа на црната листа на САД, за кого постојат сомнежи дека е вмешан во убиство на полициски службеник и лице барано со меѓународна потерница.
„Секој обид да му се дозволи на таканаречениот командант Хоџа, којшто се бараше со меѓународни потерници, пристап до доверливи информации од полицијата и војската е казниво и претставува понижување на сите припадници на безбедносните сили коишто ги дале сопствените животи за безбедноста на државата. Дали Зоран Заев е свесен за своите намери и постапки кои водат до тоа да му се даде безбедносен сертификат на човек кого Соединетите Американски Држави го прогласиле како опасен по безбедноста заради неговото терористичко дејствување?“ вели тој
Недозволиво е според Стоилковски, човекот кој е на црна листа на САД и е лице барано со меѓународна потерница да има допир со информации од витален карактер за македонската безбедност и државност.
„Доколку Зоран Заев навистина се грижи за егзистенцијата на командантот Хоџа, тој може да го вработи во една од неговите фирми, но не и на место советник за безбедност на премиерот и да му ги даде на располагање сите државни тајни. Позицијата советник за безбедност не е функција за згрижување луѓе со слаба материјална положба, туку одговорна позиција“, рече Стоилковски.
ВМРО-ДПМНЕ бара одговор за ангажирањето на командантот Хоџа, бара неговото ангажирање веднаш да биде раскинато.
„ВМРО-ДПМНЕ инсистира надлежните органи веднаш да отворат истрага и да го повикаат командант Хоџа да објасни како тоа го заробил Танушевци. Дали навистина е вистинито тврдењето на Хоџа дека советничкото место е замена за ослободување на селото? Кои се другите негови соучесници и каде е оружјето со коешто го заробиле селото?“ порача Стоилковски.
Пораката што Заев ја испраќа кон сите идни криминалци и прекршители на законите е поразителна. Тој практично ги повикува сите да се конфронтираат со државата за да добијат функции. На незаконието мора да му дојде крајот. Ова понижување на државата мора да запре. Државата и граѓаните заслужуваат подобро“, истакна Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мециновиќ: На носителите на ЗНАМ, на личните профили им стојат слики со Заев и Пендаровски
– На носителите на ЗНАМ, уште на личните профили им стојат слики за поддршка на Заев и Пендаровски. Тоа се поддршки што јавно им ги дадоа, така што сегашното нивно делување е малку повеќе лицемерно од нивна страна – истакна Носителот на ИЕ2 и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во дебатата на ,,24 Вести”.
Според Мециновиќ, СДСМ ако ја примеа пораката, немаше Оливер Спасовски да биде носител во ИЕ2, после скандалите со пасошите за белосветски криминалци, за голготата за македонските граѓани со пасошите и за бегството на Груевски:
– Од друга страна, за СДС имам конкретна порака, но СДС не ја прима пораката! Пораката не е примена, затоа што нивниот носител во Двојка имаше страшни резултати. Имаше: од бегството на Груевски до оваа голгота што им се случи со пасошите на граѓаните и во меѓувреме – издавањето на пасоши за белосветски криминалци.
Говорејќи за Францускиот предлог и за ненаситноста кон бизнис – интересите од страна на СДСМ, Мециновиќ рече:
– Исто така, не ја примија ни пораката кога народот го отфрли Францускиот предлог. Не ја примија ни пораката кога Заев го изгуби легитимитетот, така што на сила се одржаа на власт до 2024 год. Практично, за да ги задржат нивните бизнис – интереси.
Мециновиќ постојано става акцент и на неоспорниот факт дека челниците од ЗНАМ го избришаа АСНОМ од Уставот:
,,ЗНАМ го избришаа АСНОМ од Уставот кога го носеа Преспанскиот, со оглед на фактот дека тогаш беа дел од раководството на тогашното СДС. Затоа, целата нивна сегашна реторика е лицемерна”.
Левица е единствена искрена, чесна, неподмитлива опција, која се бори за нулта – корупција, радикални промени во системот и нуди решенија за сите целни групи граѓани во Македонија:
,,На 8 мај, заокружете го број 5! Искористете го своето право на глас и гласајте за Левица! Со повеќе пратеници во Парламентот, борбата ќе биде посилна!”
Македонија
Аваја: Треба да се искористи потенцијалот на ромската заедница
Ромската заедница има најмлада популација во државата и тој потенцијал треба да се искористи, порача Ќемал Сулејманов, носител на листа во Изборна единица 3 на средба со жителите на Криволак.
„Нашата заедница е најмладата популација во државата. И нашите млади бегаат надвор од државата, барајќи решенија, а ние увезуваме работници од азиските држави. Мора да најдеме решение како нашите млади да останат во државата. Заеднички да ги направиме промените иво нашите инситтуции да имаме наши луѓе. Ветуваме дека промените почнуваат со Аваја. Вашиот глас го давате за подобра иднина и соединети да покажеме дека сме тука“ порача Сулејманов.
Според него, доволно е ромската заедница да биде третирана само како чистачи и амалџии „Драги браќа и сестри, ги знам вашите проблеми со кои се соочувате, тие се мои проблеми и мора да засукаме ракави по избори и заедно да ги решаваме. Мора да се сооединиме и да почнеме со промени. Мора да имаме наши луѓе во сите институции и тоа на раководни позиции. Доста не гледаа само како чистачи и нивни амалџии“, рече Сулејманов.
Претседателот на Аваја, Акиф Кариман, рече дека одлучил да ја жртвува индивидуалната кариера за да придонесе кон напредокот на народот. Тој говореше за тоа како другите политичари ги гледаат и вреднуваат Ромите.
„Зошто? Затоа што секогаш не потценуваат. Велат ние знаеме лесно да се справиме со вас. Малку ќе ве преплашиме и вие ќе се повлечете. Ќе ви дадеме под рака и вие ќе бидете на наша страна. Или ако тоа не функционира, ќе почнат со притисоци. И тоа досега функционираше. Но, сега ја имаме Аваја, формирана да биде рамо до рамо со сите нас. Ние сме тука да направиме голема промена и да го предизвикаме статус квото“, порача Кариман.
Македонија
Џафери за Велигден: Обединети да продолжиме и да осигураме благосостојба денес и за идните поколенија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во име на Владата на Република Северна Македонија и во свое име, испрати телеграма со честитки за најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
„Задоволство ми е во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата. Особено во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.
Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Северна Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија“, стои во честитката од премиерот Џафери до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.