Македонија
Студентите му го измерија притисокот на Заев

Студентите му ги измерија притисокот на премиерот Зоран Заев при денешната посета на штандовите на факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Заев се пофали на Фејсбук дека притисокот му е нормален – 120 со 80, по вчерашниот ТВ-дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Премиерот денеска беше во Штип на одбележување на 12-годишнината од формирањето на универзитетот „Гоце Делчев“ и заедно со штипскиот градоначалник Благој Бочварски и министерот за здравство, Венко Филипче, ги посетија штандовите на кои студентите ги презентираа програмите за новата студиска година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска на првиот академски час на УКИМ: Студирањето во својата земја е најдобар избор

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на првиот академски час ја поздрави новата генерација студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Сите вие кои верувате дека токму тука ќе добиете знаења, вештини и поддршка за да израснете во лидери кои ќе ја водат Македонија во 21 век, сте на вистинското место, во својата земја, на најстариот универзитет, каде професорите имаат одговори на сите ваши прашања и подготвени се вашиот ентузијазам да го насочат кон дисциплина и одговорност да изградите капацитети за живот во свет што брзо се менува“, рече Јаневска.
Во присуство на ректорката Биљана Ангелова, проректорите, деканите и професорите, како и на претседателот на Националното студентско тело Александар Николовски, министерката Јаневска укажа дека институциите се посветени на подобрување на квалитетот на домашното високо образование и креирање услови за подобар живот на младите во сопствената земја.
„Посакувам да останете во својата земја и по студиите. Тука да ја изградите својата и семејната иднина. Тоа е единствениот пат што води кон просперитет на Македонија“, ги повика студентите Јаневска.
Посочи дека во изминатиот период се донесени низа мерки за подобар студентски стандард, за поголема финансиска поддршка и осовременување на студиските програми.
Македонија
Мисајловски – Хелез: безбедноста и стабилноста на регионот е апсолутен приоритет

Силно сме посветени на развојот на меѓусебната соработка во областа на одбраната што е показател за довербата која е изградена помеѓу нашите две пријателски земји, заклучија министерот за одбрана Владо Мисајловски и неговиот колега, министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез на денешната средба во Министерството. Средбата се реализира во рамки на официјалната посета на босанската делегација предводена од министерот за одбрана Хелез, на Министерството за одбрана.
Министерот Мисајловски порача дека најважното за двете земји е безбедноста и стабилноста на регионот, укажувајќи на тоа дека „тоа е апсолутен приоритет, имајќи предвид дека без тоа не можеме да разговараме за развој на ниту една друга област, вклучувајќи ја и економијата.“
Мисајловски додаде дека земјава е целосно подготвена да ја поддржи Босна и Херцеговина во процесот на интеграција во НАТО, при што потенцираше дека „нашите две земји се пријателски и мора да се поддржуваат и да си помагаат во остварувањето на целта – подобро утре на нашите граѓани.“
Во однос на придонесот во ЕУ мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, Мисајловски ја потврди нашата посветеност, информирајќи дека во моментов дел од оваа операција се 33 македонски припадници.
Во пресрет на посетата на Воената академија каде денеска двајцата министри ќе присуствуваат на првиот академски час, Мисајловски рече дека вклучувањето на повеќе питомци од Босна и Херцеговина во новата класа на Академијата е „јасен показател за нашите искрени намери во градењето партнерства и за тоа дека взаемната доверба е на највисоко ниво – од нашата понуда за школување, до вашиот интерес нам да ни ја доверите одговорноста да ги креираме идните лидери на вооружените сили на Босна и Херцеговина.“
Министерот Хелез се заблагодари за школувањето на питомци од Босна и Херцеговина на Воената академија и за придонесот на македонскиот контингент во мисијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина. Министерот се осврна и на интеграцијата во Европската Унија, за која порача дека е исклучително важна за нашите две земји.
На средбата, министрите разговараа и за соработка во доменот на наменската индустрија, како и користењето на полигонот „Криволак“ кој е значаен капацитет на македонската Армија.
Во Министерството за одбрана, освен средбата на двајцата министри, реализирана беше и средба на двете делегации, на која присуствуваше и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Милошоски: Венко предлага, црвени линии за заштита од францускиот предлог, кој пред една година го прогласи за победа

Венко предлага ,,црвени линии“ за заштита од францускиот предлог, кој пред една година го прогласи за победа, изјави Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес темата на оваа прес-конференција е ставот на Венко Филипче, претседателот на СДСМ за францускиот предлог и за резолуцијата која што тој ја нуди, со наводно патриотски црвени линии. Првата констатација е дека Венко Филипче ја менува својата политика и позиции во зависност од потребите на својот финансиски и политички ментор, Зоран Заев, а се во нивен заеднички интерес да се задржат на чело на СДСМ. На прес-конференција на 1 октомври 2024 година, Венко Филипче изјави дека францускиот предлог е победа и голем успех на нашата дипломатија. Парадоксот е толку голем, што денес една година потоа, Филипче изјавува дека се потребни црвени линии и резолуција за заштита од оваа негова во наводници прогласена дипломатска победа. Дали Венко Филипче лажеше 2024 година кога кажа дека дипломатијата победила со прифаќањето на францускиот предлог или лаже денес кога нуди предлог резолуција со црвени линии за заштита од истиот француски предлог којшто е целосно во корист на источниот сосед“, праша Милошоски.
Според него, ваквите изјави и изменети ставови на Филипче, не се порака до македонските граѓани, туку се порака до соседна Бугарија, бидејќи, како што кажа, Венко Филипче се надева дека источниот сосед или некој меѓународен актер ќе му помогне да дојде на власт, или барем да ја задржи водечката позиција во СДСМ, бидејќи знае дека нема поддршка од македонските граѓани, а нема поддршка ниту од најголемиот дел од симпатизерите или членовите на СДСМ.