Македонија
(Видео) Судот повика брза помош да го прегледа Јовановски дали може да го следи судењето
Бранителот на Бојан Јовановски, адвокатот Сашо Дуковски, бара одлагање на денешното рочиште за „Рекет”, бидејќи неговиот клиент не е во состојба да го следи судењето. Судијката Васка Николовска-Масевска посочи дека од затворскиот лекар нема добиено известување од затворскиот лекар дека Јовановски не може да го следи судењето. По неколку обиди за убедување од страна на Дуковски да се одложи рочиштето, бидејќи Јовановски не може да го следи рочиштето, судијката даде предлог за половина час пауза со цел Јовановски да биде однесен со брза помош на преглед и да се види неговата здравствена состојба.
„Јас како бранител на Бојан Јовановски, пред сè како човек сакам да ве известам за следново. Вие донесовте процесно решение за да се изврши конзилијарно мислење за тоа дали е во состојба да ги следи судењата. Во текот на денот беше однесен на Клиниката за гастро, не беше формиран ниту еден конзилиум, не беше прегледан од никого и по негово кажување, колку што можев да разберам, лекарот, некој си Арсим, констатирал дека не може да се изврши конзилијарно мислење пред сè поради тоа што нема медицинска документација и бидејќи истото се прави од повеќе лекари, а имало само дежурен лекар. Јовановски не е во состојба да го прати овој судски процес, барем не на денешното рочиште. Со него не сум се видел пет дена, а не можам ни да комуницирам бидејќи е неконтактбилен. Тој единствено ме извести дека трпи ужасни болки во пределот на абдоменот, а пред рочиштево му се дадени огромен број седативи и средства за болки”, посочи Дуковски.
Судијката одби да го одложи рочиштето, објаснувајќи дека нема добиено информација дека тој вчера не е прегледан, ниту, пак, утрово добиле известување од затворскиот лекар дека Јовановски не може да ја следи расправата.
„Тој беше прегледан, како што јас сум информирана. Ќе добиеме допис во текот на денот. Од затворот не добивме известување дека тој не може да присуствува, како што беше вчера. Пративме уште едно барање од медицинската документација од прегледите до сега, за да се донесе заклучок од истата”, рече судијката Васка Николовска-Масевска.
„Едвај зборувам бидејќи сум под седативи. Имам огромни болки во желудникот. Вчера не бев прегледан конзилијарно, беше само еден доктор, кој беше дежурен. Медицинската сестра утрово ми даде блоксан. Моето вчерашно присуство беше тортура”, рече Јовановски по што Дуковски рече: „Очигледно не може да зборува, ве молам да ја санирате состојбата”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

