Македонија
Поднесено обвинение против ексдиректорката на Агенцијата за филм за проневера на 68 милиони денари
Скопското обвинителство поднесе обвинение против ексдиректорката на Агенцијата на филм за злоупотреба на службена положба и овластување.
Таа се товари дека во периодот од 21 јануари 2016 до 14 јуни 2017 година, со искористување на својата службена положба и со пречекорување на границите на службеното овластување, за правното лице „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје прибавила значителна имотна корист од 68.000.000 денари.
Од Обвинителството информираат дека ексдиректорката незаконски раководела со постапката за избор, исплата на одобрени парични средства и надзор над производството на филмски проект – играна серија од 4 сезони со наслов „Македонија“.
„По објавен конкурс за финансирање проекти од национален интерес, на 21.01.2016 година, обвинетата дала предлог за избор на проектот ‘Македонија’, а ваквиот предлог бил прифатен од Управниот одбор на Агенцијата за филм. На 10.02.2016 година таа склучила договор со правното лице ‘Јадран филм’ ДООЕЛ Скопје за финансирање на проектот во износ од 283.000.000 денари без да обезбеди банкарска гаранција во висина од 25% од износот на одобрени средства.
Притоа, не биле приложени ниту потврда за обезбедени сопствени парични средства на ‘Јадран филм’ ДООЕЛ Скопје во износ од 17.988.750 денари, детален буџетски приказ со спецификација на планирани средства за реализација на секоја ставка по цена, количина и број, разработен план за снимање на серијата со наведено времетраење и локација, а не постоел ниту доказ за успешност, односно претходно продуцирани филмови од наведеното правно лице. Договорот бил склучен само врз основа на приложен концепт за серија наместо изготвено сценарио.
На 26.10.2016 година обвинетата склучила анекс-договор со кој го намалила бројот на епизоди во првата сезона од 25 на 14. На 27.10.2016 година, без претходно одобрение од Управниот одбор, склучила втор анекс-договор со кој дозволила однапред да се изврши исплатата на одобрени средства за првите две фази од првата сезона на проектот во износ од 68.000.000 денари, иако била обврзана исплатата да ја врши за секоја фаза одделно врз основа на претходно доставен и одобрен извештај за наменски потрошени средства со доказ за извршени исплати.
На 23.11.2016 година обвинетата наложила исплата на износот, иако знаела дека ‘Јадран филм’ ДООЕЛ Скопје не постапил по договорот, односно воопшто не ја спровел првата фаза од проектот – развој и подготовка, не создал услови за отпочнување на снимањето, не ангажирал директор на фотографија, актери, монтажер, костимограф, сценограф, опрема за снимање и камермани.
На 14.06.2017 година, при постоење на истите околности, по претходна одлука на Управниот одбор, обвинетата склучила трет анекс-договор со кој го продолжила времетраењето за производството на првата сезона и со тоа ѝ нанела значителна имотна штета на Агенцијата за филм“, информираат од Обвинителството.
Истражната постапка во овој предмет најпрвин ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но во текот на постапката се утврди дека станува збор за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, па предметот беше доставен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје.
Потоа, надлежниот јавен обвинител презеде и дополнителни истражни дејствија, а по нејзино барање изврши и дополнителен распит на осомничената, по што беше поднесен обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје. За обвинетата на сила се претходно определени мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.