Македонија
Судски совет ќе остави црна дамка врз правосудството, реагира Блупринт групата
Невладините од Блупринт групата за реформи во правосудството се сериозно загрижени по последните случувања во судскиот совет и особено по вчерашните седници.
„Вчера, на 4 мај 2023 година во период од помалку од четири часа, ССРСМ одржа дури три одделни седници на кои, наместо да ги исправи повредите сторени на седницата на 26 април 2023, продолжи со практиката на повреда на одредбите од Законот за Судскиот совет.
Како група на граѓански организации будно ги следевме случувањата околу разрешувањето на сега веќе поранешната претседателка Весна Дамева и сме непријатно изненадени од разврската и изборот на нов претседател на ССРСМ. Особено е погубно тоа што мнозинството од членовите на Судскиот совет на РСМ останаа глуви на забелешките од страна на огромен број водечки правни експерти, граѓански организации и медиуми дека на седницата одржана на 26.4.2023 се случи флагрантна и недопустлива повреда на Законот за Судскиот совет и Деловникот на Судскиот совет.
За жал и на штета на владеењето на правото членовите на ССРСМ направија неуспешен обид да го „озаконат“ своето незаконско постапување од 26.4.2023, повторно со повреда на одредбите од Законот за Судски совет и Деловникот со кој се уредува работата на ССРСМ. Во две од трите седници одржани вчера беше незаконито исклучена јавноста со повикување на чл. 39 ст. 2 од Законот за Судскиот совет, според кој јавноста може да биде исклучена единствено и само „заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија“ што не беше случај. Меѓучовечките односи помеѓу членовите на ССРСМ не се и не можат да бидат основ за исклучување на јавноста. Потенцираме дека не се работи за приватни односи помеѓу вработени лица туку за односи помеѓу носители на јавна функција, членови на колективен орган со особено значајни уставни надлежности, и затоа Судскиот совет на РСМ како институција не треба да биде заложник на меѓучовечките односи на неговите членови“, велат од Блупринт групата во своето соопштение.
Оттаму се убедени дека со последниве случувања, Судскиот совет на РСМ е на пат да го загуби целосно легитимитетот да избира, оценува и разрешува судии.
„Легитимитетот, покрај од Уставот, во суштинска смисла треба да извира пред сѐ од стручноста, професионалноста и интегритетот на членовите на овој орган кои со своето познавање на правото треба да бидат пример за севкупната правосудна фела посебно кога станува збор за судии и истакнати правници. Оценувањето на работата на судии, кое претставува единствен случај на проверка на работата на носителите на власт во Република Северна Македонија од аспект на стручност и професионалност, треба да го вршат исклучиво лица кои со своето професионално искуство и знаење покажале дека се стручни и независни, а не лица кои се обидуваат да ги заобиколат законите за да остварат одредена цел која не е поврзана со правото и за која оправдано постои сомнеж за постоење на политички влијанија. Ова особено ако се следи дека четири од петте избрани членови на ССРСМ од страна на Собранието (со исклучок на Весна Дамева) беа поддржувачи на одлуката од 26.4.2023 година, која по тврдењата на Дамева е донесена по политички притисок, со што се поставува прашањето во јавноста дали до оваа состојба во Судскиот совет дојде по основ на политички влијанија врз членовите кои не доаѓаат од редот на судиите
Овие случувања за жал ќе предизвикаат особено црна дамка врз правосудството во целина иако одговорноста е пред сѐ кај членовите на ССРСМ и дополнително негативно ќе влијаат на довербата во правосудството која и така е на незавидно ниско ниво. Упатуваме повик до сите чинители вклучувајќи ги и членовите на ССРСМ да бидат достојни за функцијата која ја вршат и да преземат мерки за утврдување на индивидуална одговорност за сторените повреди од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија“, дополнуваат од Блупринт групата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.