Македонија
Територијалната противпожарна единица од Прилеп доби ново возило за брзи интервенции
Денеска, во Прилеп, беше промовирано новото возило на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Прилеп. Тоа чини околу 5.000.000 денари, од кои 3.150.000 денари обезбеди Општина Прилеп, а преостанатите Пелагонискиот Плански Регион.
„Возилото најмногу ќе служи за брзи интервенции затоа што има високопритисна пумпа и собира доволна количина течност и пена за гаснење пожари. Заедно со противпожарното возило се набавени и 10 комплети опрема за пожарникарите. Сакам да кажам дека овде нема да застанеме со помагањето на ТППЕ, во најава имаме донација на две половни противпожарни возила од страна на прилепската компанија ‘Витаминка’, кои ќе бидат набавени во текот на септември. Сакам да му се заблагодарам на директорот на Пелагонискиот Плански Регион за помошта во набавката на ова противпожарно возило“, истакна градоначалникот Јованоски.
Директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион, Гого Видимче, рече дека се следат барањата на градоначалниците на општините од регионот и во координација со нив се бараат начини за решавање на проблемите.
„Со самото доаѓање на функциите градоначалниците од Пелагонискиот Регион, поточно од Битола, Прилеп и од Ресен, укажаа дека има недостиг на возила за територијалните противпожарни единици. Оттаму произлезе нашиот проект ‘Јакнење на капацитетите на ТППЕ во Битола, Прилеп и во Ресен’ и преку тој проект се набави противпожарното возило за Прилеп и 10 интервентни одела, а за другите општини се набавија 16 апарати за дишење со компримиран воздух и 55 костими за отворен пожар. Ова е проект од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за регионален развој, кои беа кофинансиери во набавката на ова возило“, нагласи Видимче.
„Ние како пожарникари упатуваме голема благодарност за донираната опрема, особено за новото возило со кое ќе се постигне поголема ефикасност во работата. Се надевам дека и понатаму ќе се продолжи со други донации, со цел да се даде акцент за важноста на работата на пожарникарите“, порача командирот на ТППЕ Прилеп, Виктор Стојчески.
ТППЕ Прилеп располага со 7 противпожарни возила, чија просечна старост е над 20 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.