Македонија
Усвоени измени на Законот за враќање ДДВ и Законот за младинскиот додаток
Собранието, вчера попладне, на продолженија на три пленарни седници, донесе осум закони, откако претходно, во рамките на тековната 106. седница, донесе три законски решенија.
На продолжението на 99. седница Собранието го усвои Законот за изменувањето на Законот за враќање дел од данокот на додадената вредност на физичките лица, по скратена постапка, за што гласаа 87 пратеници.
Со овие законски измени се зголемува лимитот за поврат на ДДВ во еден квартал од годината. Поточно, највисокиот дозволен износ што може да му се врати на едно физичко лица за едно календарско тримесечје како право на поврат на дел од данокот на додадена вредност се зголемува на 2.100 денари.
На оваа седница Собранието го донесе и Законот за младинскиот додаток, по скратена постапка, предложен од група пратеници, за што имаше поддршка од 88 гласа.
Досегашната примена на Законот за младинскиот додаток, како што се наведува во материјалот, укажува на тоа се овозможи еден вид поддршка на домашното стопанство, кое се сочува со недостиг на работна сила. Дополнително, влијанието на економската криза во стопанството предизвика негативни последици и потребата од примена на досегашното законско решение се покажа како важна во овој период поради што и се предлага донесувањето нов закон што ќе важи до крајот на 2025 година. Целта е да се овозможи понатамошна поддршка на производствените дејности со обезбедување дополнителна работна сила, како и поттикнување на младите луѓе да се вработуваат во овие дејности.
Потоа, во рамките на продолжението на 95. пленарна седница, пратениците го изгласаа законот за ратификација на Протоколот 16 кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, со поддршка од 90 гласа.
На истата седница беа донесени и законот за концесии и јавно-приватно партнерство, по скратена постапка (со 63 гласа); дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, по скратена постапка (со 64 гласа „за“ и 31 според Бадентеровиот принцип), и изменување на Законот за социјалната заштита, по скратена постапка, предложено од група пратеници (90 гласа „за“).
Во рамките на 103. седница, пак, Собранието донесе две законски решенија предложени од група пратеници: дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, по скратена постапка (64 пратеници гласаа „за“) и измени на Законот за земјоделството и руралниот развој, по скратена постапка (со поддршка од 75 пратеници).
Претходно, на продолжение на 106. седница беа усвоени измени и дополнувања на законите за Собранието и за служба во Армијата, како и на Законот за амнестијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Пронајдено повозрасно лице изгубено на Плачковица
Во спасувачка потрага синоќа е пронајдено 66-годишно лице кое се изгубило на планината Плачковица.
Како што денеска соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК),лицето е пронајдено околу еден часот по полноќ од страна на спасувачите од Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани откако во 18:08 часот на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК била добиена информација за исчезнато лице.
– Лицето заедно со негов пријател дента се упатиле по пешачка патека кон езерото Дивичев Вир на планината Плачковица. Но, при крајот на денот, пријателот се вратил дома, а 66-годишникот не, бидејќи се изгубил во планината. Случајот бил веднаш пријавен во Полициската станица Кочани. Во потрагата на лицето прво се вклучиле членови од неговото потесно семејство. За итниот случај, од ЦУК биле известени ДЗС од Кочани и Горска служба, а на потрагата се приклучиле и други субјекти од локалната самоуправа. егионалниот ЦУК Штип пред полноќ информираше дека изгубеното лице на Плачковица е пронајдено живо и во добра состојба во 22.50 часот, од страна на членови на Доброволна планинска спасувачка служба „Осогово“ Кочани, информира ЦУК.
Поради подолгиот престој на студено време во планината, лицето било згрижено од страна на спасувачите, а потоа безбедно спуштено до селото Зрновци, каде што имало возила на полицијата и на Итната медицинска помош од Кочани.
Македонија
Професор д-р Атанаско Тунески: Енергетската самостојност е услов за самоодржлива држава, а ЗНАМ нуди мерки кои тоа ќе го овозможат
Денеска Движењето ЗНАМ – За наша Македонија одржа прес конференција на која професор д-р Атанаско Тунески зборуваше за мерките во енергетиката што се предвидени во програмата на Движењето „Проглас за достоинствена Македонија“ за претстојните парламентарни избори.
Професор Туневски рече дека заложбите за самоодржлива држава подразбираат самојстојност во покривањето на потребите од електрична енергија со производство во енергетските капацитети во државна сопственост.
„Најважните цели во делот за енергетиката од програмата “Проглас за достоинствена Македонија” се: изградба на 2 гасни когенеративни електрани (ТЕ-ТО Скопје и ТЕ-ТО Неготино), до мај 2027, во државна сопственост; почеток на изградба на ХЕЦ Чебрен во државна сопственост, со формирање на Дирекција за изградба на ХЕЦ Чебрен, најдоцна 4 месеци по формирањето на новата Влада; избор на стратешки инвеститор за реализација на проектот Вардарска долина, кој содржи 12 хидроцентрали, најдоцна 2 години по формирањето на новата Влада; завршување на изградбата на гасоводите: Неготино (Кавадарци) – Битола, Скопје-Тетово-Гостивар-Кичево, како и интерконективниот гасовод со Грција, со што со гасоводна мрежа ќе биде покриено околу 70% од населението во Македонија,; зголемување на производството на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост за најмалку 30% во однос на 2023-та година; намалување на трошоците за производство на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост за најмалку 25% во однос на 2023-та година“, рече професор Туневски.
Тој нагласи дека реализацијата на овие цели ќе овозможат енергетска независност на Македонија преку сериозно зголемување на производството на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост.
уневски додаде дека Програмата “Проглас за достоинствена Македонија” на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија обезбедува максимум за Македонија преку максимум во енергетиката во Македонија.
Македонија
Крмов од Македонска Каменица: Посебен закон за пензионирање на рударите. 20 години стаж и 10 години бенефициран стаж
Денес, Носителот на листата на Левица во ИЕ3 – пратеникот Борислав Крмов, заедно со членот на Президиумот на Левица – Александар Симонов и советникот од Левица, Тони Стаменковски, остварија средба со граѓаните на Македонска Каменица.
На средбите со рударите, имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваат тие, пратеникот Крмов истакна:
,,Во моментов рударите одат во пензија со,
од прилика, 27 годишен стаж и 13 години бенефициран стаж. Во ниедна држава не е така. Секаде е тоа помалку, што значи дека ние како пратеници во Собранието ќе бараме посебен закон за рударство, којшто ќе намали на: 20 години стаж и 10 години – бенефициран стаж”.
Пред граѓаните на Македонска Каменица, Крмов истакна и дел од мерките предвидени во изборната програма на Левица што се однесуваат на инфраструктурата и заштитата на природните ресурси:
– Целосна обнова и проширување на руралната патна инфраструктура на локални патишта – со цел поврзаност
на секое село до главните транспортни артерии;
– Прогласување за национални богатства на водите, шумите, рудите и минералните ресурси и забрана за нивно издавање под концесија!;
– Ограничување на концесионерството на природните богатства и на јавните добра и услуги, со целосна забрана за давање под концесии на водни ресурси.
Во однос на домашното земјоделско производство и мерките за земјоделството и стопанството, Крмов се задржа на следново:
– Заштита на домашното производство (Made in Macedonia);
– Рестартирање или отворање на нови профитабилни државни компании во секоја стратешка гранка од стопанството како: рудници, металопреработувачка индустрија, откупни пунктови за земјоделски и шумски производи, производство на автохтона храна и пијалоци и многу други стопански дејности.
Стимулирање на задругарството и кооперативите, во сите сфери на здружување е една од мерките во Програмата на Левица. Тука се мисли на работнички кооперации, земјоделски задруги итн.
Оттука, Левица се залага за поттикнување на задругарството преку проектот „Мало селско стопанство“ (т.н. аграрни кооперативи) со стручна, техничка и техолошка, т.е. механизациска поддршка на земјоделските задруги.
Крмов од Македонска Каменица ја истакна и програмската мерка за гарантирани цени за најосновните прехранбени продукти и намирници потребни за секојдневен живот на населението.
Ова е само мал дел од над 1000 мерки и проекти, предвидени во Изборната програма на Левица, нагласи Крмов.