Македонија
Филипче за жената што се вакцинираше на трактор: Не можеше да се симне и не сакавме да ја малтретираме
Министерот за здравство, Венко Филипче, во врска со вчерашната објавена фотографија на социјалните мрежи, каде што неподвижна жена од беровско село прима вакцина во приколка од трактор, која предизвика големи негативни реакции на социјалните мрежи, се изјасни преку „Твитер“, со тврдење дека жената не била во можност да се симне од тракторот.
За да не се малтретира повозрасната жена, тврди министерот, медицинската сестра ја вакцинирала на лице место.
„Фотографијата на која медицинска сестра вакцинира повозрасно лице кое седи на трактор покрена дебата на социјалните мрежи, па сметам дека е добро јавноста да ја знае позадината на целата случка. Станува збор за брачен пар кој живее во планинските колиби, место над село Ратево, Беровско. Местото е тешко пристапно, а лицата кои се вакцинираат на сликите воопшто не побарале асистенција или превоз од локалниот Здравствен дом во Берово. Тие одлучиле самите да дојдат на вакцинација до пунктот и се појавиле на местото. На пунктот имало санитетско возило со фрижидер за теренска вакцинација и биле вакцинирани целосно безбедно, спротивно на тоа што сака да се прикаже во јавноста. Повозрасната жена бидејќи не била во можност да се симне од тракторот, за да не се малтретира, медицинската сестра се качила на приколката за да ја вакцинира. Јас сметам дека тоа е гест за поздравување, а не за осуда“, тврди Филипче.
Во понеделникот почна теренската вакцинација во земјава, каде што медицински тимови патуваат претежно во руралните средини и населби, а со цел да се вакцинираат што повеќе лица кои не се во можност да дојдат до вакциналните пунктови во здравствените домови во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

