Македонија
Филипче: Можно е лицата над 65 години да добијат забрана за излегување до крајот на годината
Доколку се утврди дека возрасното население нема имунитет на коронавирусот, можно е мерките за ограничено движење за нив да траат до крајот на годината, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Серолошките тестирања кои треба да го покажат стекнатиот имунитет на населението се планира да бидат направени во текот на летото.
„Планот е да го направиме веднаш по попуштањето на мерките или некаде на лето со цел да го процениме имунитетот на пример на возрасните над 65 години, на децата во школска возраст или на работоспособното население. Тоа ќе ни биде показател како да се димензионираат мерките, помалку или повеќе рестриктивни, по возрасни групи тогаш кога евентуално би сметале дека може да се соочиме со повторен пик на болеста. Дали тоа ќе биде наесен или не, ќе ја следиме епидемиолошката крива. Врз основа на резултатите од тестирањето ќе дадеме мислење на пример за тоа како треба да се организира наставата во училиштата. Доколку се утврди дека нема имунитет повозрасното население над 65 години може да кажеме дека рестриктивните мерки за нив ќе важат цело време, до крајот на годината. Тоа ќе ни биде еден од показателите“, рече министерот Филипче.
Тој вечерва извести и дека генерален заклучок на земјите членки на Светската здравствена организација по денешниот состанок на кој и тој присуствувал, бил дека коронавирусот не може да се уништи и дека ќе остане активен и по пикот во секоја земја одделно. Токму затоа потребно е ново организирање на здравствениот систем со целосно одвоени делови кои ќе бидат наменети само за третирање на пациенти заразени со Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска да им се извини на пензионерите што ги спореди со Мапет шоу, вели Тасевска
СДСМ неколкупати ги покачи пензиите и во споредба со времето на ДПМНЕ просечната пензија е покачена во просек за 6.400 денари. Овој месец следува и ново зголемuвање на пензиите од 5,3% согласно новата методологија којашто ја донесовме заедно со пензионерите. Дополнително, во новиот пакет антикризни мерки обезбедивме месечна поддршка и до 15.000 денари во период од 5 месеци за пензионерите со пониски пензии, вели Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
„СДСМ ги почитува и се грижи за нашите повозрсани граѓани. Додека СДСМ ги покачува пензиите кандидатката на ДПМНЕ, Гордана Силјановска слушаме како ги навредува пензионерите, споредувајќи ги со Мапет шоу. Крајно несоодветно, непримерно и неодговорно. Пензионерите не заслужуваат да бидат омаловажувани ниту навредувани“, додава Тасевска.
Според неа, Силјановска треба да излезе и да им се извини на пензионерите за навредите.
„Односот на Силјановска кон пензионерите е потврда дека нема никаква промена во ДПМНЕ. На граѓаните не им треба претседател кој ќе биде продолжена рака на Белата палата, партиски послушник, не им треба реприза на Иванов. На граѓаните не им треба уште една катастрофа по примерот на Скопје. Ниту ДПМНЕ ниту Силјановска не можат да донесат промени на подобро. Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре! Затоа граѓаните на изборите ќе изберат европска иднина со СДСМ и Стево Пендаровски, завршува Тасевска.
Македонија
Тошковски: Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон ЕУ
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, имаше воведно обраќање на инаугуративниот меѓународен симпозиум на Меѓународната асоцијација за безбедност на администраторите на кампуси на агенциите за спроведување на законот (IACLEA).
Овој симпозиум ги опфати темите поврзани со сајбер-безбедноста, спречувањето на криминалот од омраза, обезбедувањето при собири од поголеми размери, спречувањето и борбата против трговијата со луѓе и шверцувањето мигранти, а учество зедоа и реномирани меѓународни експерти од оваа област, вклучително и од македонското Министерство за внатрешни работи.
Истакнувајќи ја меѓусебната соработка во борбата против транснационалниот криминал, Тошковски во своето обраќање потенцира дека:
„Географијата нè прави соседи. Историјата нè прави пријатели. Економијата нè прави партнери, а неопходноста од заедничко дејствување против сите закани и опасности – нè направи сојузници. Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон Европската Унија. Во Европската Унија регионалната соработка е средство за постигнување стабилизација, еден од чекорите за натамошна интеграција на ЕУ. Со други зборови, сите сме ‘за’ регионална соработка, но поради разни причини“.
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента
Од 9.10 часот сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.