Македонија
Филипче се сретна со косовскиот колега Исмаили
Министерот за здравство, Венко Филипче, се сретна со министерот за здравство на Република Косово, Уран Исмаили, при што разменија искуства и информации во областа на здравството во двете држави.
На средбата министерот Филипче го запозна косовскиот министерот Исмаили за новините што се воведоа во здравството. Со воведувањето на двата нови типа на упат во националниот систем „Мој термин“ се подобрува здравствената евиденција и се поедноставува работата на здравствените работници, како и процесот на упатување на пациентите и побрз пат до услугата што им е потребна.
„Значајно им ги зголемивме платите на здравствените работници. Минатата година првпат обезбедивме средства за вложениот труд на приватните специјализанти. Преку континуирана грижа им го враќаме достоинството на сите наши здравствени работници!“, истакна министерот Филипче.
Министерот Филипче го запозна косовскиот министер Исмаили со интегрираниот сервис за домашна посета, со кој граѓаните од оддалечените места, руралните средини, добиваат здравствена услуга и заштита во домот.
На средбата беше разговарано и за изградбата на новиот клинички центар, унапредувањето на достапноста на гинеколозите во државата преку воспоставување поголема територијална покриеност и достапност на кадарот во здравствените региони, каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни или достапноста е ограничена.
Заложбата на Министерството за здравство е да се препознаат компетенциите на матичните лекари – специјалисти по семејна медицина кои вклучуваат и грижа за сексуалното и репродуктивното здравје, како што се услуги за семејно планирање, контрацепција, сексуално преносливи инфекции итн.
„Со измената на Законот за здравствената заштита, првпат секој млад лекар ќе добие шанса да се ангажира во системот на јавно здравство“, потенцира министерот Филипче.
По средбата, министерот Филипче и косовскиот министер Исмаили ја посетија Клиниката за хематологија во Скопје, каде што на докторите од Косово им беше понудена експертиза во областа на трансплантацијата. Минатата година на оваа клиника беше направена првата трансплантација на матични клетки од несроден донор.
Во 2010 година Министерството за здравство на Република Северна Македонија и Министерството за здравство на Република Косово потпишаа спогодба за соработка во областа на здравството и медицинските науки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има
Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.
Македонија
Поради одрон на патниот правец Катланово – Велес, сообраќајот се одвива по една коловозна лента
Од 08:40 часот поради одрон на патниот правец А1 Катланово – Велес, на 2,5км после Б.П. Детоил сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 20 – 25 метри, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево

