Македонија
Фински образовни институции ќе ни помагаат во концептот за современо образование, најави Царовска
Задоволство ми е што финските образовни институции ни подадоа рака и помагаат во имплементацијата на промените во основното образование, кои ги почнавме со почетокот на новата учебна година и денес нивни претставници спроведуваат обука за ефикасно градење демократска училишна клима, што ќе помогне во создавање генерации ученици што ќе бидат гласни во општеството и преку креативно и критичко размислување ќе придонесуваат кон неговиот развој. Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, на отворањето на обуката за поттикнување и процена на партиципативна училишна клима, која е наменета за директори, наставници и стручни соработници во училишта, а ја организира МЦГО со поддршка на УСАИД. Предавачи на обуката се претставници на Финската национална агенција за образование.
„Оваа обука се организира во вистинско време, токму кога навлеговме во имплементацијата на промените што ги предвидува нашиот автентичен концепт за унапредување на квалитетот на основното образование, кој на младите треба да им овозможи стекнување вистински вредности, што всушност и треба да ги поседува секој европски граѓанин. За тоа е потребно напредно граѓанско образование, но и добра демократска училишна клима, која сите заедно, и институциите на системот и директно раководствата и вработените во училиштата, треба да ја создадеме“, рече Царовска додавајќи дека во постигнувањето на целта во голема мера ќе помогнат претставниците од Финска, чие искуство и препораки се и важни затоа што, како што рече, токму нивната земја успеала да го изгради еден од најквалитетните образовни системи во светот.
„Благодарна сум што Финска ни помага, а тоа сметам дека е резултат на нивното согледување дека како Влада и како држава во развој навистина се трудиме да ги следиме глобалните образовни трендови и сакаме да напредуваме, сакаме да создадеме подобри услови и образовни можности за младите“, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нови канцеларии на Левица во Могила и Росоман
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, и Носителот на ИЕ4, Сашко Јанчев, вчера присуствуваа на отворање на две нови канцеларии на локални ограноци на Левица во општина Могила и општина Росоман.
„Народот сè повеќе ги препознава идеологијата и вредностите на Левица, изградени на темелите на нашите предци кои го дале животот за Македонија и на кои почиваат вистината, праведноста и еднаквоста“, велат од Левица.
Претседателот на Левица, Апасиев, како и носителот Јанчев, во своите говори нагласија дека ова е историски момент пресуден за зачувување на интегритетот на Македонија.
„Постојаниот раст на партијата е доказ дека народот ги препознава АСНОМ-ската идеологија и бескомпромисноста на Левица, како нова идеја чие време допрва доаѓа!“, се додава во соопштението на Левица.
Македонија
Постапката за екстрадиција на Палчо ќе биде спроведена преку МВР, на осомничениот веќе му е определен притвор
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е известено дека Министерството за правда добило официјална информација од Република Турција дека се одобрува екстрадицијата на лице осомничено за две кривични дела грабнување, како и за две убиства на свиреп начин.
Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи.
По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување, се додава во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Македонија
Дозволена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо
Министерството за правда преку писмено соопштение информираше дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.
Претходно министерот за правда Кренар Лога на социјалните мрежи потврди дека е дозволена екстрадиција на Палевски.
„Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда.“
Љупчо Палевски е осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панчо Жежовски.