Македонија
Царинската управа: Запленети златен накит, ловечка муниција, облека, возило со бункер
Во текот на минатата недела царинските службеници открија повеќе обиди за цверцување, при што привремено се задржани златен накит, ловечка муниција, возило со бункер, облека, обувки, автоделови, ремчиња за рачни часовници, делови за мобилни телефони, батерии, фалсификати и друго.
Царинските службеници од граничниот премин Богородица открија и спречија обид за цверцување златен накит, што двајца турски државјани, кои патувале со автомобил со француски регистарски таблички, се обиделе да го внесат во државата, без да го пријават. При личен претрес на патниците, во рачна торбичка на возачот, во пластична кутија биле пронајдени 7 златни белезици со вкупна маса од речиси 285 грама. Вкупната вредноста на алките е 2,8 милиона денари, а избегнатите давачки се приближно 706 илјади денари. Златните алки се привремено задржани, а против соспственикот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 4.031 разновиден производ, откриени во два одвоени случаја, од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај биле откриени 1.175 парчиња разни производи. На наплатната станица Петровец мобилен царински тим сопрел автобус со македонски регистарски таблички, кој сообраќал на вонредна линија Скопје – Истанбул – Скопје. При преглед на возилото и на багажот на патниците, во куфери сопственост на македонски државјанин, кој патувал со автобусот, биле пронајдени 290 ремчиња за рачни часовници, 420 батерии за апаратчиња за слушање, 360 батерии од 1,5 волт, 75 маски за мобилни телефони и 30 заштитници за камери на мобилни телефони, за кои не поседувал документ за потекло и платени увозни давачки. Непријавените производи се привремено задржани, а против сопственикот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Во вториот случај биле откриени 2.856 парчиња разни производи.
При контрола на стока во царинска филијала во Гевгелија, пријавена за увозно царинење од испраќач од Грција, наменета за увозник од Битола, царинските инспектори од мобилен тим утврдиле дека 2.856 парчиња разна стока (облека, обувки, паричници, ранци, мини дронови, церади и катанци со аларм за мопеди, делови за возила, алкални батерии, алат, техничка стока и друго) не се опфатени со царинските документи. Истите се привремено задржани а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 292 парчиња женска облека (фустани, тренерки, комбинезони, елеци, хеланки, здолништа, маици, шопцеви, блузи и друго), откриени од страна на службата за мобилни скенери. На граничниот премин Табановце автопат, за влез во државата бил пријавен автобус со српски регистарски таблички кој сообраќал на редовната линија Белград Скопје, управуван од српски државјанин. При контрола на автобусот во три патни куфери сопственост на возачот, биле пронајдени непријавените производи. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Ловечка муниција
– 38 патрони ловечка муниција, откриени на граничниот премин Меџитлија кај грчки државјанин, пријавен за влез во државата. На прашање на царинскиот службеник дали има да пријави нешто за царинска контрола, возачот одговорил негативно. Сепак царинскиот службеник решил да изврши преглед на возилото, при што во багажниот простор биле пронајдени непријавените патрони ловечка муниција. Ловечката муниција е привремено задржана а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.
Возило со бункер
– возило со бункер откриен од страна на мобилен царински тим со скенер. Возилото е откриено на граничниот премин Табановце автопат, кај македонски државјанин пријавен за излез од државата. Возилото било сопрено од страна на полициските службеници од граничниот премин и било однесено на царинскиот терминал за преглед со мобилен скенер. Притоа, зад брзиномерот, бил откриен специјално изработен бункер кој може да се користи за криумчарење стока. Возилото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Производи за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост
Царинските службеници од царинската испостава Богородица привремено задржаа 20.146 производи со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во камион со турски регистарски таблички натоварен со стока од испраќачи од Турција наменета за фирми од Косово. При контрола на стоката биле пронајдени 20.000 лед светилки и 146 парфеми со ознаки на заштитени трговски марки. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и поведена е постапка за утврдување на нивната оригиналност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

