Македонија
ЦУК: Вчера имаше вкупно 19 пожари на отворено и сите се изгаснати до утрово
Центарот за управување со кризи информира дека до утрово имало 19 пожари на отворено и сите се изгаснати од страна на територијалните противпожарни единици во државата.
Регионалниот ЦУК Скопје ја пренесува информацијата од БППЗ на Град Скопје дека во текот на изминатото деноноќие имале две противпожарни интервенции на отворено: од 15.10 до 16.10 часот, со пет пожарникари и две противпожарни возила гаснеле запаленa ниска вегетација на површина од 5 хектари во атарот на селото Моране, општина Студеничани; од 20.20 до 21.55 часот, 3 пожарникари со едно возило гаснеле запалено стрниште на површина од три хектари во атарот на селото Брњарци, општина Гази Баба.
Регионалниот ЦУК Битола известува дека на територијата што ја покрива имало два пожара од 7 часот и во текот на целиот ден ТППЕ „Демир Хисар“, со еден пожарникар и едно возило, како и тројца вработени во ЈКП „Комуналец“ – Демир Хисар, со градежна машина интервенирале поради запален отпад на градската депонија во Демир Хисар.
Регионалниот ЦУК – Штип известува дека од ТППЕ „Штип“ интервенирале двапати: од 19.45 до 21.40 часот, со 3 пожарникари и едно возило гаснеле запалено стрниште помеѓу селата Долни Балван и Крупиште. Пожарот за кратко се реактивирал по што на интервенција заминале со 6 пожарникари и две возила, кои го изгаснале во 1.15 часот. Опожарена е поголема површина на ниска вегетација, стрниште и нива насадена со пченка.
Регионалниот ЦУК – Куманово известува дека ТППЕ „Куманово“ во текот на изминатото деноноќие имала седум интервенции поради запалени стрништа и ниска вегетација, и тоа: од 12.25 до 13.35 часот, во атарот на селото Речица; од 13.30 до 14.15 часот, кај месноста Менкова Колиба; од 16.45 до 20.50 часот, во село Никуштак; од 18.20 до 22.40 часот, кај местото наречено Пироќански Лозја; од 18.35 до 21.50 часот до Спомен-костурницата; од 20.50 до 00.40 часот кај селата Слупчане и Опае и од 6.40 до 8.30 часот во селото Ваксинце. Во сите случаи интервенирале со 3 пожарникари и едно возило.
Инаку, ТППЕ „Старо Нагоричане“, со двајца пожарникари и едно возило, од 19.40 до 22.40 часот гаснеле опожарена куќа во село Руѓинце, село од разбиен тип населби.
Регионалниот ЦУК – Тетово известува дека ТППЕ „Тетово“ во текот на изминатото деноноќие на територијата што ја покрива имало пет противпожарни интервенции: од 9.15 до 10.45 часот, со 3 пожарникари и едно возило. гаснеле запалена ниска вегетација во село Палчиште; од 11.17 до 11.50 часот, со двајца пожарникари и едно возило. гаснеле запалена ниска вегетација до комплексот „Арабати баба-теќе“; од 12.45 до 13.05 часот, со 3 пожарникари и едно возило, изнервирале поради пожар во стан на улицата Иво Лола Рибар; од 16.11 до 17 часот, со двајца пожарникари и едно возило, гаснеле запалена меѓа помеѓу селата Фалише и Стримница; од 19.30 до 21 часот, со 3 пожарникари и едно возило, гаснеле запалени грмушки и ниска вегетација кај село Горно Палчиште.
ТППЕ „Гостивар“, од 11.30 до 12.30 часот, со тројца пожарникари и едно возило, гаснеле запалена ниска вегетација помеѓу селата Чајле и Форино.
Инаку, пожарникарите на целата територија на државата, паралелно со интервенциите на пожари на отворено, имале и повеќе интервенции на објекти во населени и урбани места, додаваат од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алпинистот Здравко Дејановиќ имал здравствени проблеми при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите
Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ кој при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите имал проблеми од здравствена природа, е надвор од животна опасност, објави на Фејсбук Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ).
„Во врска со искачувањето на врвот Лотце од страна на Здравко Дејановиќ, ве известуваме дека на барање на неговото семејство, досега не излеговме со официјални информации. Воедно, ве информираме дека во текот на искачувањето се појавиле проблеми од здравствена природа, и дека, во моментов Здравко е надвор од животна опасност. Одржуваме контакт со неговото семејство и во периодот кој следи ќе има повеќе информации директно од Здравко или од нас. Замолуваме за етика и воздржаност од споделување на непотврдени информации. Ви благодариме однапред на разбирањето“, се вели во објавата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Вчера се појавија неофицијални ФБ објави дека Дејановиќ при искачувањето на Лотце, четврти највисок врв на Хималаите, се здобил со измрзнатини на рацете и со хеликотер бил пренесен во тамошна болница.
Македонија
Силјановска-Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство
Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.
За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.
Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.
Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Македонија
Таравари уште размислува дали ќе биде министер за здравство: „Можноста не е исклучена, но не е дефинитивна“
Арбен Таравари, еден од партнерите на коалицијата „Влен“, а кој моментно е градоначалник на општина Гостивар, сѐ уште не одлучил дали ќе биде во идната влада како министер.
Тој потврди дека некои од пишувањата на некои медиуми за поделбата на владините ресори и службените места се точни. Според Таравари, конечниот договор меѓу идните владини партнери, „Влен“ и ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе биде објавен денеска или утре, стои во напишаниот допис.
„Алијансата ќе има двајца министри, вицепремиер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменик-министри, како и двајца државни секретари, и тоа заменик-министер за одбрана и заменик-министер за земјоделство. Државен секретар за здравство и уште еден на кој сега не ми текнува“, изјави Таравари.
Таравари вели дека сѐ уште не се дефинирани имињата на кадрите што ќе бидат назначени на овие позиции.
Запрашан дали ќе биде следниот министер за здравство, тој рече дека не одлучил и сѐ уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција. „Не е исклучена можноста, но не е дефинитивна“.
Таравари ги коментира и резултатите од прегласувањето и истакна дека тие воделе на 8 мај и сега, како што рече тој, се во голема предност.
„ДУИ може да ги обжали резултатите, но резултатите се такви. Тоа беше очекувано и сега бранот промени не може да се запре, па ДУИ мора да го прифати резултатот. Граѓаните сега се ослободени, гласаат малку послободно од порано и посакувам ДУИ да ја прифати оваа реалност. Сега ‘Влен’ има еден пратеник повеќе, ДУИ еден помалку“, изјави Таравари.