Македонија
По четири години затвор за обвинетите за порнографијата во „Јавна соба“
Креаторот на групата „Јавна соба“, Дарко Костовски, доби четири години затвор, а на администраторот Михаил Паневски му се досудени исто така четири години затвор, од судијката Билјана Коцевска. Казните ги добија бидејќи обвинителот Владо Милошевски тврдеше дека тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Двајцата се гонат за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
102.000 записи од фотографии и видеа биле најдени во телефонот на основачот на групата, а над 14.000 фотографии и видеа кај модераторот, кажа судијката.
Обвинетите се огласуваат за виновни бидејќи првообвинетиот ја основал групата „Јавна соба“ на Телеграм, а второобвинетиот како модератор иако морале да внимаваат што се прикачува во групата, дозволиле да се направи достапно видео со порнографски елементи со дете.
Судијката објасни што е утврдено во предметот, односно дека имало обид да се избрише групата „Јавна соба“ од страна на нејзиниот креатор.
„Тие морале да внимаваат за содржините во групата, но дозволиле содржината да биде достапна до член на групата. Тоа се докажа од сведокот и вештачењето. Судот утврди дека имало чет група со име ‘Јавна соба’ во која биле објавувани порнографски материјали и материјали од детска порнографија. Дарко Костовски сам отишол во МВР и кажал дека пред да биде креирана ‘Јавна соба’, имало група ‘Бадијалџии’. Со оглед дека имало фотографии со сексуална содржина, таа била блокирана од Вибер. Со оглед дека ‘Бадијалџии’ била блокирана, била формирана нова група под име ‘Бадијалџии на Јавна соба’, која била избришана. Па била формирана нова група ‘Јавна соба’ од Дарко Костовски, кој го испратил линкот за зачленување во ‘Бадијалџии’. За кратко време основачот на групата забележал дека има фотографии со сексуална содржина. Ги бришел, но бидејќи имало сè повеќе членови, не успеал да ги избршие сите. Па поради тоа членовите барале да бидат модератори, па така назначил ботови за да бришат содржини. Но и по ова, бројката на експлицитни содржини не се намалувала туку се зголемувала. Дарко Костовски се обидел да избрише сè од групата, но откако не успеал, ја контактирал и техничката служба на Телеграм“, објасни судијката Коцевска.
Второобвинетиот, а сега неправосилно осуден, сам побарал да биде модератор на групата „Јавна соба“. Тој ги убедувал членовите дека групата може да функционира и дека никој ништо не им може.
„Михаил Паневски доставил е-маил порака во која вели дека бил само член на ‘Јавна соба’, а како што се зголемувале членовите во групата, се ставале 18+ содржини, побарал да добие функција во групата, а потоа добил модераторска улога заедно со лице под псевдоним ‘Брзотрчковски Петко’. Дека Михаил Пановски бил администратор, се утврди и од естрахираните материјали од неговиот телефон“, додаде судијката.
Инаку, креаторот на групата е на возраст од 33 години, семеен човек со двегодишно болно дете. Администраторот е скопјанец кој требало да стане полицаец. И двајцата се во притвор поради можност да избегаат.
Девојки кои биле жртви на таканаречената „Јавна соба“ на Телеграм во 2020 година, со прикриен идентитет имаат сведочено дека успеале да го најдат телефонскиот број на еден од администраторите на групата и го молеле да ја избрише, бидејќи нивни фотографии вклучително со телефонските броеви, биле споделувани со илјадници членови.
Откако згасна оваа група, други лица основаа друга група со истото име кое функционираше долго време. И во неа се споделуваа броеви од жени и девојки, но и нивни разголени фотографии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Херојот кој беше убиен во Вејце – Бобан Трајковски, доби споменик
Со почит кон споменот на бранителот Бобан Трајковски, на 28 април, во центарот на Куманово, во 12 часот, ќе биде откриен мурал со неговиот лик, во пресрет на 23-годишнината од неговата херојска смрт.
Бобан Трајковски, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ на Армијата на Република Македонија на 28 години го положи својот живот на олтарот на татковината против терористите од ОНА во 2001 година кај Вејце.
Муралот е изработен од талентираните уметници Младен Трендевски – Трендо, Горан и Дејвид (сограѓани на Бобан).
Организатори на настанот се Здружението СИЛА и колегите од специјалната единица ВОЛЦИ.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Македонија
(Видео) Ковачки: Со над 800 милиони евра владата од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги решава проблемите на земјоделците
„Благодарност за поканата на нашиот градоначалник Виктор Паунов, тука сме заедно и со кандидатот за пратеник Гордана Барбашка. Како што нашиот градоначалник работи и покрај опструкциите од централната власт, гледате дека се развива и се гради. Во иднина ние планираме да дадеме 250 милиони евра за сите општини во Република Македонија без разлика кој е на власт. Само во Карбинци ќе доделиме 1,8 милиони евра за сообраќајна и комунална инфраструктура, значи дополнително општините ќе се градат и дополнително ќе се развиваат“, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.
„Како што работи нашиот градоначалник во Карбинци, така ќе работиме и ние на централно ниво. Дополнително за жителите од овој крај предвидуваме над 800 милиони евра во 4 годишен мандат за земјоделците што значи реконструкција на сите водоводни канали, да го решиме проблемот со водоснабдувањето, да го решиме проблемот со загарантираниот откуп, и да го решиме проблемот со загарантираната цена. Значи ќе отвораме и нови откупни центри.
Земјоделците од овој крај заслужуваат внимание, заслужуваат да си ја работат земјата тие, а не земјата да ја поседуваат феудалци како Љупчо Николовски и сличните на него.
Македонија е одлучна за промени, Македонија сака да биде горда, и Македонија заслужува да биде повторно твоја.
Затоа ги повикувам сите граѓани на 8 мај масовно да ни се приклучат да излеземе заеднички, да ставиме крај на овие црнила и овие сивила кои ги донесоа СДС и ДУИ“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.