Македонија
Јакимовски: Како претседател ќе се залагам за силен развој на туризмот во Македонија
Кандидатот за претседател на Република Македонија, Стевчо Јакимовски, денеска оствари средба со граѓани на Охрид.
На средбата Јакимовски ги претстави седумнаесетте точки од предизборната програма за претстојните претседателски избори.
Дополнително Јакимовски нагласи дека охридско-струшкиот регион, кој е познат по туризмот, мора да добие сеопфатна поддршка од институциите и од Претседателот на државата за развој на туризмот, особено на високиот туризам и искористување на сите потенцијали кои ги имаат и овој регион, но и целата држава.
Како што истакна Јакимовски, треба да го направиме автопатот од Свети Стефан до Свети Наум, треба да видиме како можеме да се поврземе со Ресен, треба да направиме тунел под Галичина, треба да направиме мастер-план за Галичица, значи летото да го поврземе со зимата. Тоа сe мастер-плановите коишто треба да ги предлага и да ги иницира еден претседател на држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Пендаровски: Бројот еден е гаранција дека државата ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска беше помеѓу граѓаните на општина Арачиново.
Пред присутните, Пендаровски порача дека во досегашниот мандат покажал дека е претседател кој не ги дели граѓаните по ниту една основа и дека така ќе продолжи и во следниот мандат.
„Никогаш не сум бил и не се кандидирам за претседател само на Македонците. Ќе бидам претседател на сите, како што бев глас на секој без оглед на етничка и каква било припадност. Промовирањето и претставувањето на сите граѓани на Македонија ќе биде приоритет и во наредните пет години“ порача Пендаровски.
Пендаровски посочи дека очекува голема поддршка на осми мај за државата да продолжи напред, како демократска, мултиетничка, прогресивна држава на рамноправни граѓани.
„Само бројот еден е гаранција дека Македонија ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ, се друго е продавање на политичка магла и обиди за враќање во времињата на тензии, поделби и неизвесност. Македонија нема друга опција освен продолжување на преговорите за членство во ЕУ додека да станеме дел од големото европско семејство. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1“, посочи Пендаровски.
Македонија
(Видео) Спасовски: Силен СДСМ е потребен за европска иднина, не сакаме враќање на режимот
Носителот на листа на кандидати за пратеници од ИЕ2, предводена од СДСМ и коалицијата, Оливер Спасовски, даде изјава за медиумите во Ѓорче Петров, со повик до граѓаните за масовна излезност на 8 мај за бројот 1.
„Ве повикувам – Излезете на 8 мај, силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата! Да не дозволиме враќање на режимот! Десничарската партија ВМРО ДПМНЕ е истата таа на Груевски, а знаеме сите што значи преголема моќ во нивни раце – крај на ЕУ перспективи, крај на поголеми плати и пензии, крај на можности за младите и крај на соживот и меѓуетничка кохезија“, рече Спасовски.
Притоа, тој истакна дека граѓаните не сакаат враќање на режимот.
„Доволно беше чекањето за Европа и никој не сака враќање назад по патот кон нестабилност и изолација. ДПМНЕ ќе ја одложуваат евроинтеграцијата во недоглед, сега зборуваат за рокови. Истото тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој. Ќе го вратат национализмот, насилството, апсењето новинари и тепањето студенти, прислушувањата и грабежот на народни пари. За тоа да немате дилема!“, рече Спасовски, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за СДСМ и коалицијата.
„Сите сме исправени пред голем предизвик, секој еден член и активист на СДСМ, секој граѓанин, Македонци, Албанци, Роми, Срби, Влади, Бошњаци, Турци и сите други – имаме обврска, заради аманетот од предците борците од НОБ и АСНОМ кои ја изградиле Македонија, и уште поважно, заради генерациите кои доаѓаат, да им оставиме европска држава, европски живот дома!
Затоа е важно на 8 мај сите да излеземе и да го поддржиме СДСМ, затоа што ДПМНЕ ќе го донесе повторно режимот кој долго време се трудевме да го срушиме. СДСМ е единствената партија која ја движи државата напред, кон прогрес, интересот на граѓаните и развојот на државата – секогаш пред сѐ и над сѐ.
Мора да сме силни и единствени СДСМ, заради иднината на државата. Да ги зачуваме слободата и напредокот на државата! Нема да се откажеме – Сите масовно на 8 мај гласаме за број 1!“, рече Спасовски.
Македонија
МОН: Се реконструира студентскиот дом Кузман Јосифовски – Питу во Скопје
Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје предвидени во договорот кој на почетокот на годината МОН го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“, како најповолен понудувач на меѓународниот тендер, започнаа да се реализираат на терен. За 18 месеци објектот ќе добие подобрена одржливост, ќе биде енергетски ефикасен што значи ќе придонесе за почиста животна средина, но и ќе обезбеди финансиски заштеди, извести Министерството за образование и наука.
„Ова е прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Република Северна Македонија. Наскоро ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште 7 други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
Предвидена е промена на водоводната инсталација отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби.
Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија“, соопшти Министерството за образование и наука.