Македонија
Јанакиески дециден дека нема вина за „Топлик”, за него случајот е апсурден
За Миле Јанакиески, ексминистер за транспорт и врски, како и обвинет во „Топлик”, случајот е апсурден. Посочи дека постапувал според законот, па затоа формирал комисија и праша: „Каде е тука мојата вина?”.
Тој шест часа е во судницата каде се даваат завршни зборови. Дополнително, посочи дека во случајот нема штета на буџетот, а со тоа ниту случај.
„Апсурдно е тврдењето почитувани дека сум ги знаел информациите од првиот записник кога не постои ниту вербален ниту материјален доказ дека тој записник е доставен до мене, ниту, пак, истиот е насловен до мене. Обвинет сум дека сум ги знаел информациите од првиот записник – не постои ниту вербален ниту материјален доказ дека тој записник е доставен до мене, ниту, пак, истиот е насловен до мене. Тврдењата во обвинителниот акт не се поткрепени со докази, а притоа, не се следени ниту законите во државата”, кажа Јанакиески.
Тој истакна дека договорот не се реализирал поради одлуката на Уставен суд во 2010 година, па додаде: „Апсурдно е дека во 2007 година сум знаел што ќе се случи, како и дека по вина на Комисијата не се реализирал проектот. Со поништување на планот со одлука на Уставен, не можел да се реализира, а за тоа ние не сме виновни”.
Јанакиески е дециден дека нема вина и праша зошто само тој да одговара за исплаќање затезна камата, ако државата секоја година иплаќа 14 милијарди евра: „Во овој предмет не постои ни еден доказ кој може да доведе до осудителна пресуда од кој може да се утврди вина”.
Со извадок од делото „Процес” на Кафка тој рече: „Егзистенцијализмот како тема е човековата интелектуална свест и сето она што човекот како поединец го доживува во борбата со системот за да ги докаже своите права или да ги добие своите права или да ја докаже својата невиност. Сите ние сме дел од системот и сме дел од општеството и како поединци можеме и мораме да се бориме за сè што е поврзано со нашиот живот и со повредата на нашите права”, посочи Јанакиески пред судиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

