Македонија
Ќе ја рушиме секоја бариера пред нас, особено криминалните монополи: порака на Груби до обложувачниците
Преку статус на социјалните мрежи првиот вицепремиер, Артан Груби, со порака до обложувачниците дека власта е решена да ја руши секоја бариера што ќе ѝ се испречи на патот и дека се решени да ги демонополизираат сите индустрии, особено криминалните монополи.
„Кој две години го попречува и блокира законот за коцкање, со кој:
– обложувачниците и казината се на 500 метри од нашите деца и училишта;
– заштитува и спречува малолетници да се вклучат во коцкање;
– ги зголемува приходите во буџетот преку зголемување на даноците и цената на лиценците, кои помагаат на културата, спортот, медиумите.
Кој го штити 15-годишниот монопол даден на бугарско-српско-македонска компанија за организација на коцкање, чија „пријавена“ добивка е просечно 15 милиони евра годишно?
Кој од албанската опозиција лобира за измена на законот во корист на казината?
Законот е одобрен од Владата, очекуваме пратениците веднаш да го поддржат.
Отстранувањето на казината и обложувачниците, како и демонополизацијата на индустријата, се политики и програми на Демократската унија за интеграција, но и Владата одобрени во Собранието.
Решени сме да ја демонополизираме секоја индустрија, особено криминалните монополи на соживот и камуфлираните.
Ниту една кампања спонзорирана од валкани пари од монополот што ги држи опструкторите во заложништво нема да не спречи во нашата решеност да им ја одземеме коцката на нашите деца, да го демонополизираме и либерализираме пазарот и да ги зголемиме приходите во буџетот!
Нема да нѐ спречат блокирачките, клеветничките, негативните и навредливите кампањи, ќе продолжиме да ја рушиме секоја бариера пред нас“, порачува Груби.
Од АСОМ деновиве реагираат дека со законските решенија, поединци од власта сакаат да ги истиснат домашните компании надвор од пазарот. Од таму испратија порака до пратениците да реагираат навреме и да го отфрлат деструктивниот предлог-закон за игри на среќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

