Македонија
Проектил земја-воздух, причина за вчерашната експлозија
Бустер, ракетенниот мотор, или вториот степен на проектил земја воздух, НАТО ознака SA-3 или советска ознака С-125 НЕВА, полнет со тврдо ракетно гориво, најверојатно неиспразнет и донесен во скопската Железарница
Бустер, ракетениот мотор, или вториот степен на проектил земја воздух, НАТО ознака SA-3 или советска ознака С-125 НЕВА, полнет со тврдо ракетно гориво, најверојатно неиспразнет и донесен во скопската Железарница е причина за вчерашната силна детонација која го вознемири Скопје и тешко го повреди 33. годишниот Димо Пигуловиќ. Според сè уште нецелосните информации од истрагата, до детонацијата најверојатно дошло откако за време на сечење на железо во непосредна близина на проектилот, од искрите било запалено горивото, предизвикало реакција по што следело палење и неконтролирано лансирање на Бустерот. На ова се надоврзуваат и изјавите на работниците кои биле на лице место, кои за Макфакс рекоа дека почуствувале миризба на барут, слична на онаа од петарди и пиротехнички материјали, на скопјани добро позната за време на новогодишните празници.
Дел од прокетилот кој вчера падна во близината на северната капија на Железарница. На телото на објектот, јасно се видливи држачите за стабилизаторите (крилцата) на проектилот. Фото: Филип Поповски/Макфакс
Ракетниот погон или Бустерот на С-125 НЕВА, проектил земја-воздух од советско производство.
Првичните информации беа дека поради неправилна употреба експлодирала ацетиленска боца во кругот на Макстил, поточно во одделот каде што се сече старото железо. Не се исклучуваше можноста и дека работникот сечејќи го железото предизвикал искрење која ја запалила старата боца што се наоѓала во непосредна близина. Денеска, пак, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска со дијаметрално спротивни тврдења за вчерашниот инцидент. Таа изјави дека според првичните информации од истрагата покажуваат дека вчерашната силна детонација била предизвикана од граната од советско производство. Во прилог на оваа доаѓаат и тврдењата на сведоците кои за Макфакс изјавуваат дека неретко се случува во пратките старо железо да се најдат и стари гранати, како и друг вид на оружје и муниција, за кои работниците често не знаат. Вчерашниот инцидент во кој еден работник настрада, го отвара прашањето колку е безбедно топењето оружје во печките на Макстил. На ова се надоврзува и локацијата на самата Железарница, односно непосредната близина на станбени објекти, како и голем број вработени во овој фабрички комплекс. Исто така се поставува прашањето колкава е контролата врз пратките старо железо што влегуваат во Железарница, посебно ако се има предвиде дека тоа доаѓа од Косово, Србија и Бугарија. Во неколку наврати претходно царинските органи спречија влез на вакви проблематични пратки, откако беше регистрирана зголемена радиоактивност на материјалите наменети за топење. /крај/макфакс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.