Македонија
Викендов сончево, во попладневните часови врнежливо

Викендов не очекува претежно сончево и топло време, во попладневните часови се очекува локален пороен дожд и грмежи.
Викендов не очекува претежно сончево и топло време, во попладневните часови се очекува локален пороен дожд и грмежи.
Метеоролозите предвидуваат во следниот период во текот на попладневните часови да има зачестена појава на краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, наместа во форма на краткотрајно невреме со појава на град.
Нестабилноста повеќе се очекува во западните делови на земјава.
Минималните температури ќе се движат до 26 степени Целзиусови, а максималните до 36 степени Целзиусови./крај/метео
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Да се избегнува непотребно трошење вода за полевање и полнење базени

ЈП Водовод и канализација – Скопје информира за зголемена потрошувачка на водата и апелира до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата.
„Особено апелираме да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени, но и спречување на злоупотребата преку дивите приклучоци. Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје“, велат од Водовод.
Од таму апелираат до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk.
Македонија
(Видео) Филипче: ВМРО-ДПМНЕ има изгубено 100 илјади гласа досега

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва укажа на, како што рече, драматичниот пад на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ, економскиот колапс и лицемерното однесување на Владата, која, како што рече, наместо резултати, нуди само пропаганда.
„Нашите информации се дека ВМРО-ДПМНЕ има изгубено 100 илјади гласови до сега. Таков пад на гласовите, таков дебакл до сега во историјата на државата за толку кратко време едноставно не се случил“, изјави Филипче.
Тој предупреди дека власта се обидува да ја покрие реалната состојба во државата со агресивна ПР-пропаганда, но граѓаните не се наивни.
„Не затрупуваат со информации, со пропаганда, со ПР дека прават економски бум. Што се случи? Бум слушнавме само со тоа што треснавме на земја. Евростат излегува со податоци дека сме последна земја во Европа според економската стапка“, потенцираше Филипче.
Според него, Мицкоски говори за вредности, отчетност и транспарентност, но со секој чекор ја демантира сопствената реторика.
„Зборува за транспарентна работа, зборува за отчетна работа, зборува за некаков систем на вредности, а ако навистина ја вршат работата како што треба, нема да има потреба да зборуваат за тоа. Нема да имаат потреба да зборуваат како владата и институциите треба да работат во интерес на граѓаните, ако јавната администрација сама работи така“, истакна Филипче.
Тој потсети дека кога институциите се навистина чесни и ефикасни, резултатите сами зборуваат, без да се замајува јавноста со празни приказни.
„Нема да има потреба да им зборуваат за фотелји, за клупи и за гајби на граѓаните ако навистина работат чесно. Факт е дека тоа не го прават на тој начин“, нагласи претседателот на СДСМ.
Македонија
Дизелот поскапува 2,5 денара

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,5 денари за литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 20.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 40,928 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,149 ден/кг и сега ќе изнесува 40,928 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.