Македонија
16 политички партии ја потпишаа Декларацијата на Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ
Во предизборниот период, вкупно шестнаесет политички партии се обврзаа дека по изборите ќе се заложат за преземање акции за обезбедување континуитет на програмите за превенција на ХИВ со цел да ѝ се стави крај на епидемијата на ХИВ и до 2030 година да се постигнат нула нови инфекции во Република Северна Македонија.
Тие ја потпишаа Декларацијата насловена „Законот за здравствена заштита да ги препознае граѓанските организации како даватели на услуги од здравствената заштита од посебно значење за јавното здравје“, која беше предложена од Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ, составена од 14 граѓански организации коишто подолго од една деценија спроведуваат програми за превенција и тестирање за ХИВ во повеќе од 12 градови низ државата.

Политичките партии се обврзаа дека по парламентарните избори на 15 јули 2020 година, преку пратениците во новиот парламентарен состав, односно преку своите претставници во извршната власт, ќе иницираат и поддржат:
• препознавање на граѓанските организации како даватели на услуги од здравствената заштита од посебно значење за јавното здравје за ранливи групи на население, во рамките на постојниот или во нов Закон за здравствена заштита, и
• обезбедување долгорочна одржливост на досегашното национално финансирање на програмите и активностите за превенција, тестирање и поддршка во врска со ХИВ за групите под особен ризик, кои ги спроведуваат граѓанските организации.
Декларација ја поддржаа Алијансата за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – Народна партија, Движењето Беса, Демократска обнова на Македонија, Достоинство – ППД, Либерално-демократската партија, Нова алтернатива, Новата социјалдемократска партија, Обединетата партија за еднаквост на Ромите, Обединети за Македонија, Партијата за движење на Турците во Македонија, Партијата за демократски просперитет на Ромите, Партијата за целосна еманципација на Ромите, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Твоја партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Поскапувањата во јануари и февруари го „изедоа“ владиното покачување на минималната плата, ССМ пресмета 969 денари поскапа кошничка за февруари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за месец февруари пресмета зголемување на вредноста на минималната потрошувачка кошничка за 969 денари, објави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. За толку беше зголемена вредноста на потрошувачката кошничка што ја пресметува ССМ и во јануари, па Трендафилов направи споредба со најавата за системско усогласување на минималната плата следниот месец.
„Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец февруари повторно е зголемена и тоа за вредност од 969 денари. Истата изнесува 67.382 денари. За два месеци, од почетокот на годината веќе го ‘изеде’ најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците од 1.500 денари односно секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеца“, вели претседателот на ССМ.
Тој направи пресметка и за колку се зголеми синдикалната кошничка во изминативе две години, период во кој ССМ бара зголемување на минималната плата. „За 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари. Затоа, наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари затоа што животот очигледно е дека само за функционерите и за газдите е добар во Македонија, додека работниците тонат во сиромаштија“, рече претседателот Трендафилов.
ССМ по блокадите на Собранието, стопанските комори и на Владата, ѝ даде рок на Владата до крајот на месецов да ја зголеми минималната плата на 600 евра, а сите останати за 100 евра. Доколку минималната плата не се зголеми во тој рок, на почетокот на март ССМ најави дека ќе организира генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, во работен ден.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.

