Македонија
Тепачка на средношколци во Струга
Шипки, палки, ножеви и други остри предмети употребиле средношколците од два класа од втора година од Средното општинско училиште “Ибраим Темо“ од Струга денес претпладне во масовната тепачка која се случила на само 500 метри одалеченост од училишната зграда
Очевидци, кои не сакаа да зборуваат јавно, велат дека во тепачката која се случила во центарот на градот учествувале околу 60-тина ученици македонци и албанци. Директорот на “Ибраим Темо“, Муса Мусаи, рече дека денешниот настан е удар за целокупниот образовен систем во Струга. “Учениците од втора единаесет со настава на албански јазик и учениците од второ три со настава на македонски наставен јазик денес влегоа во конфликт и тоа надвор од училиштето. Има повредени од тврди предмети, со шипки и друго. Јас сега доаѓам од болница и навистина ми е жал за учениците кои страдаат на ваков начин. Ги осудувам сторителите, бидејќи учениците редовно доаѓаа на настава во изминатиов период, но некој сигурно се меша“, вели Мусаи.Тој најави дека ќе бара одговорност како од учениците така и од професорите кои најдиректно се одговорни за безбедноста на учениците.“Слушнавме дека имало тепачка. Имало тепачка да, не сакам да зборувам. Утринава беше тепачката? Поголема група на ученици“, се само дел од коментарите на учениците. Во струшката болница веднаш по тепачката беа префрлени тројца ученици. Едниот од нив е задржан на лекување поради сериозноста на повредите, информираше за Супер радио дежурниот хирург Никола Лекоски.“Удрено е по главата наводно со метална шипка, се гледаат удари од тврд предмет веројатно метален. Има слупување на кожата и некои крвни подливи. Кај него направена е рендген снимка не се гледаат некои посериозни повреди или скршеници и е пуштено на домашно лекување. Третиот е малку потешко повредено има крварење од носот и скршеница на носната коска направен е рендген предмет препорачана е и комјутеризирана томографија која се уште не е направена и задржан е нашето одделение”, вели Никола Лекоски, дежурен хирург. Од полицијата во Струга за Супер радио изјавија дека во полициската станица биле приведени тројца ученици и дека во текот на денот ќе бидат приведении и други ученици кој учествувале во инцидентот. Од таму рекоа дека бројката на повредени била многу поголема од бројот на пријавени случаи во болницата. Инаку во ова средно училиште наставата се одвива во мешани етнички смени, за разлика од соседното “Нико Нестор“ каде од пред еден месец по неколку неделните преговори наставата се одвива во чисти етнички смени. И во двете училишта на неколку пат изминативе две години имаше посериозни инциденти во кои беа повредени десеттина млади луѓе.
Средношколци македонци и албанци повторно се степаа во Струга
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

