Македонија
Трибина: Проблемот со името – Минато или иднина
Центарот за истражување и креирање политики, во партнерство со иницијативата Платформа, одржаа трибина на тема „Проблемот со името – Минато или иднина“
На трибината говореа истакнати личности од политиката, државните институции, медиумите и разни организации. Педесетина граѓани се обидоа да земат учество во трибината, но поради недостиг на време, не успеаја во намерата. На трибината беа изнесени веќе познати идеи на сегашните и поранешните политичари. Поранешниот премиер Лубчо Георгиевски ја потсети власта и тие што ја креираат јавноста да ја напуштат фразата дека името е проблем на Грција, туку да прифатат дека тоа е проблем на Македонија. Тој оцени дека Македонија не водела преговори за името, ниту во негово време, ниту пак сега. „Ние глумевме преговори, СДСМ глумеше преговори, а на сегашната власт е време сериозно да се зафати со решавање на проблемот“, рече Георгиевски. Неговиот став, во однос на името, како што неколкупати претходно истакнал, е дека Северна Македонија е најдобриот предлог што некогаш сме го добиле од медијаторот Метју Нимиц и треба да се прифати, а натаму лесно ќе се расправа за националноста, пасошот или, пак, менување на Уставот. Љубомир Фрчкоски, кој ја отвори трибината, ги запозна присутните со најновиот предлог на посредникот Метју Нимиц, со тоа што ги истакна македонските и грчките позиции. “Тоа што Грците инсистираат во графата националност, само на кирилица да пишува македонска, или македонски јазик, е дополнителен проблем за изговарање на англиски. Тие нема да знаат како да го прочитаат, а од друга страна, нас не дефинира како Словени, а не стари Македонци“, рече Фрчкоски. Ставот на Радмила Шеќеринска е релативно познат, односно дека не треба да се бега од расправа за името во Собранието. Таа потсети дека Грција од таквата постапка имаше само корист. Како одговор на наводите на Љубчо Георгиевски, дека никој до сега вистински не водел преговори за името, Шеќеринска рече: „Се водеа преговори во 2005 година и беше одлучено привремената референца да се користи до 2008 година, кога треба да се признае уставното име, Република Македонија. Сега сме 2008 година, а имаме само сменети предлози“. Градоначалникот Трифун Костовски, откако излезе од економската замка што ја поставија неколку учесници во расправата, рече дека Грција има дефиниран став по однос на проблемот, па затоа ја добива војната на секој план. „Ние не можеме да се договориме и да излеземе едногласно пред јавноста“, рече Костовски и додаде: „Не ми е битно што 125 земји ме признале, битно ми е дали моите соседи и асоцијациите кон кои тежиме ме прифаќаат“. Ревносната Јагнула Куновска истакна дека Грција мора најпрво да ни го признае идентитетот, а потоа да се расправа за името. „Јас не прифаќам, Горна Македонија, ниту Северна, ниту Јужна… Јас сум Македонка и така сакам да ме викаат“. Од Центарот за истражување и креирање политики потсетија дека со резолуцијата од 1993 година, кога и беше прифатена привремената референца ПЈРМ, Македонија не е обврзана да преговара. Затоа, треба на секој потег на Грција бурно да се реагира и да се повикуваме на тогашните одредби. Но, исто така, дека пред нас се уште стои можноста за акционен план, за остварување на условите за влез во Европската Унија покрај проблемот со Грција за името. Присутните беа револтирани што немаа време да постават прашања или активно да се вклучат во расправата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

