Македонија
Сведокот лажел, се’ друго било дрн-дрн јариња
Шврговски објави дека фотографијата е направена од германски професор Хајнц Хербриг кој бил во посета на МАНУ за време на атентатот. Не биле точни ни наводите дека амито било купено од негов колега полицаец, бидејќи таков полицаец каков што посочил сведокот не работел ни во МВР ни во ДБК
Беа сослушани 5 лица и беше направена анализа и вештачење на цела документација. Изнесените тврдења се неточни“, објави, Државнито јавен обвинител Љупчо Шврговски на денешната прес-конференција. Сепак, тој тврди дека истражувањето на случајот продолжува, иако предметот по ова практично ќе ставен ad acta. “Па нема истрага по предметот. Тој е во предистражана постапка и таму оти нема конкретен сторител. Покренување на постапка по непознат сторител е само дрн-дрн јариња“, налутено одговори обвинителот за тоа оти предметот 13 години тапка во место и досега ниту еден обвинител не покренал постапка. Нов обвинител кој ќе работи на случајот ќе биде Марко Зврлевски. Спорните фотографии сепак се германски
Инаку, сведокот три пати бил во Обвинителството. Бил сослушуван од јавен обвинител кој потоа бил тргнат од случајот, како што тврди Шврговски поради тоа што заминал на боледување. Обвинителството го проверувал наводот на сведокот дека неврзан разговор со негов колега дознал дека амито од атентатот на Глигоров бил купен од него, но никој од ДБК и од МВР не го препознало лицето кое го опишал сведокот, а ни тој самиот не поседувал докази за ваквото тврдење. „Во однос на тврдењето дека не постои германски турист кој ја направил фотографијата на местото на атентатот и дека сведокот сам ја фотографирал, а потоа заедно со негативите и развиената фотографија ја доставил до ДБК, не е вистина оти ја поседуваме оригиналната фотографија и негативи добиени од германски научник Хербриг кој бил на службено патување“, тврди Шврговски. Според проверките на обвинителството, Хербриг бил германски професор на службено патување во МАНУ во време на атентатот и тогаш направил 64 туристички фотографии од цела Македонија, меѓу кои и две фотографии пред Старата железничка станица, каде се гледа спорното ами. Филмот од фотоапаратот бил евтина германска марка која не се користела во Македонија. Фотографиите биле откриени при подоцнежна возвратна посета на двајца македонски професори. Била направена уште една слична фотографија, на која се гледа и самиот професор Хербриг, но и раниот Климе Коробар. Оваа фотографија била направена од неговиот колега Вернард Трининг. На двете фотографии има едно лице во позадина кое ДБК по атентатот го открило неговиот идентитет, оперативно го следел и набљудувал, но ништо не го поврзувало со атентатот. По препознавањето, фотографиите со асистенција на тогашниот амбасадор во Германија, Срѓан Керим и германската служба БНД и нашата ДБК е добиена во Обвинителство. Фотографијата и негативите била заведена во втор оддел на ДБК на 14 декември 1995 г., два месеца по атентатот. „Во деловодната книга нема заведено службена белешка како што тврди сведокот, а со која му се наложува да го слика местото на настанот“, вели Шврговски. Лицето, за кое сведокот тврдел дека го развил филмот одделот за пиротехника во МВР, исто така не работело таму од мај 1995 г. Кривична пријава за сведокот поради лажна пријава? Јавниот обвинител Шврговски не сакаше да каже дали ќе има кривична пријава поради лажна пријава на сведокот, но тоа не е исклучено со оглед на тоа дека се работи за тврдења кои споменуваат државни институции и се работи за кривично дело против претседател на државата. Инаку сведокот бил соочен со фактите и доказите и немал коментар на тоа. „Не сум психијатар за да давам психолошка оценка за неговата подобност“, рече Јавниот обвинител Сега обвинителството ќе ги проверува мотивите на сведокот за лажната пријава. Од кривично гонење ќе биде ослободен Фрчкоски, бидејќи тој самиот ништо не тврдел, туку го пренел во јавноста само она што сведокот му го кажал. За другите наводи во јавноста, како оние на Павле Трајанов и на Слободан Богоевски, Шврговски рече: „Тоа се само балони за јавноста. Нека бидат храбри и нека дојдат во обвинителството, а не да објавуваат по медиуми. Се работи за шпекулации и нема зошто по службена должност да ги проверуваме“. Во врска со одредени наводи дека сведокот добил електронска пошта од МВР со инструкции за тоа каков исказ да даде пред обвинителството, Шврговски потврди дека постоела порака, но таа не се однесувала на сведочењето, ниту на атентатот. „Ми даде плик со дискета. Ги проверивме податоците, имаше информација дека двајца службеници на ДБК во времето на атентатот биле во Германија, но ни самиот сведок не знаеше да објасни каква врска има тоа со атентатот“, објаснува Шврговски. Според него нема значење ни неодамнешната оставка на ЈО Звонко Ристески кој во времето кога Ставре Џиков беше Јавен обвинител го водеше предметот за атентатот. Шврговски не сакаше да коментира ни зошто предметот е во Обвинителството во организиран криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

