Македонија
Рен во Скопје како најава за Извештајот
Еврокомесарот за проширување Оли Рен во Скопје ќе го координира државниот врв околу последните подготовки за октомврискиот извештај на Европската комисија за напредокот на државата во делот на евроинтеграциите.
Рен со премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорѓи Иванов и претседателот на Собрание – Трајко Вељаноски, како и со членовите на Националниот совет се очекува да разговара за тоа до која мера се исполнети реформите и исполнувањето 8-те одредници кои лани ни беа зададени од Европската унија.„Времето до објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија во евроинтеграциите и исполнувањето на осумте критериуми е кусо“, би била пораката што според извори на Макфакс би ја испратил Рен на премиерот Груевски.Најголемите забелешки би биле во делот на недостиг на реформите во судството, јавната администрација и за политичкиот дијалог. Се очекува, според Макфакс, еврокомесарот да испрати порака оти се надева дека порот со Грција за разликите околу името ќе биде решен, токму во името на европската заложба за добрососедски односи. Она за што секако ќе не’ пофали Рен би била успешната визна либерализација и добро спроведените претседателски и локални избори.Инаку, од есенскиот извештај за напредокот на земјата зависи дали Македонија, која има статус на кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, ќе добие датум за почеток на претпристапни преговори.Евроамбасадорот Ерван Фуере неделава најави дека еврокомесарот Рен во Скопје доаѓа со две пораки. Првата оти со препораката за визна либерализација Брисел испратил порака дека кога се исполнети критериумите може да се смета на награда. Втората дека ЕК ќе има аргументи да препорача датум за почеток на преговорите ако констатира напредок во реформите поврзани со осумте критериуми што ни беа испорачани во март минатата година. Предвидено е еврокомесарот прво да се сретне со Груевски на тет-а-тет средба, по што ќе следат разговори во проширен состав со министрите вклучени во процесот на евроинтеграциите. Потоа се предивдени средби со претседателот на Собранието, Вељаноски и со членовите на Националниот совет за евроинтеграции. Светскиот Македонски Конгрес соопшти дека во врска со посетата на еврокомесарот, денеска од 13-15 часот пред Владата ќе организира мирен протест за да ја предупреди Унијата поради притисокот за промена на државното име Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
42,32 отсто од граѓаните гласале на претседателските избори до 17 часот, соопшти ДИК
До 17 часот до ДИК биле пристигнати податоци за излезност на гласачите за претседателските избори од 2.040 избирачки места, од вкупно запишани 1.069. 029 гласачи.
На овие избирачки места гласале 452.412 гласачи односно 42,32 отсто.
Најголемата излезност за претседателските избори според ДИК, има во Новаци со 66,47 проценти, а најмала излезност има во Липково со 6,48 проценти.
Споредено со вториот круг на претседателските избори во 2019 година, има зголемување на излезноста од 7,19 проценти, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Споредено со првиот круг на претседателските избори 2024 година има зголемување од 0,01 процент, додаде тој.
Македонија
ДИК за одзивот до 15 часот: за претседателски избори гласале 33.73 отсто а за парламентарни 37.44 отсто од гласачите
До 15 часот како што информра ДИК биле пристигнати податоци за излезеност на гласачите за Претседателските избори од 2271 избирачки места.
Од вкупно запишани 1.172.912 гласачи на овие избирачки места, гласале 395.576 односно 33.73 %. Најголема излезеност во моментов, за Претседателските избори има во Новаци, со 52.32 %. Најмалата излезеност за претседателските избори е во Липково, со 3.60 %.
„Споредбено со вториот куг од Претседателските избори во 2019 година имаме зголемување на излезеноста од 3.39% на овие избори. Додека споредбено со првиот круг од Претседателските избори 2024 имаме намалување од 0.84%.
До 15 часот пристигнати се податоци за излезеност на гласачите за Парламентарните избори од 2136 избирачки места. Од вкупно запишани 1.113.441 гласачи на овие избирачки места, гласале 416.915 односно 37.44%.
Најголема излезеност во моментов, за парламентарните избори има во Крива Паланка, со 58.18 %. Најмалата излезеност за парламентарните избори е во Центар Жупа, со 13.74 %“, информира комисијата.
Споредбено со Парламентарните избори во 2020 година, на овие избори има зголемување на излезеноста од 5.66 % .
Излезеноста по изборни единици за парламентарните избори е следна: Изборна единица 1- 42.31 %; Изборна единица 2-36.69 %; Изборна единица 3- 41.02 %; Изборна единица 4-36.88 %; Изборна единица 5- 35.95 % ; Изборна Единица 6-29.14 % .
До овој момент до ДИК биле доставени вкупно 405 приговори за заштита на личното избирачко право.
„Од нив 176 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 18 приговори се отфрлени како неуредни, а 58 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка. Овој изборен ден го набљудуваат 1303 домашни набљудувачи, 860 меѓународни набљудувачи и 83 странски новинари. Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44, на кој заинтересираните граѓани можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија. Исто така активна е и видео кол линијата на број 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат во текот на изборниот ден преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик“, појаснуваaт од ДИК.
Македонија
Гласачите задолжително да се прашуваат дали ќе гласаат за претседателски или за парламентарни избори, Избирачките одбори да ги почитуваат законските одредби, апелира ДИК
Избирачките одбори да ги почитуваат законските одредби и задолжително да ги прашуваат гласачите дали ќе гласаат за претседателски или за парламентарни избори и тоа да го прават кон секој избирач, потенцираа од Државната изборна комисија.
Според комисијата на секој гласач тие треба да му ја објаснат процедурата на гласање.
Гласачот, како што прецизираа од ДИК, може да се појави на гласачкото место само еднаш и да го оствари своето право на глас.
„Не сакаме да ги исплашиме претседателите на изборните органи, но, доколку не се почитува правото на глас врз основа на Кривичниот законик, секој член на изборен орган кој го попречува гласањето или намерно го попречува гласањето на некој друг член ќе се казни со најмалку три години затвор“, рече Дитмире Шеху, потпретседателка на ДИК појаснувајќи дека од терен добиле информации дека дел од избирачките одбори не постапувале согласно нивните надлежности кои произлегуваат од Изборниот законик и подзаконските акти на Комисијата.
Потсети дека комисијата на вчерашна седница на јасен начин покажала кој е начинот на гласање и го презентирала упатството за начинот на гласање и за Парламентарни и за Претседателски избори.
„Од самото упатство, кое исто така, се наоѓа и во самите избирачки места се гледа начинот на кој гласачот треба да гласа, а исто така во тоа упатство е наведено и како гласачот и избирачкиот одбор треба да се однесува“, дополни Шеху.
Откако гласачот ќе се изјасни дали ќе гласа за едни или други избори, или пак и за Претседателските и за Парламентарните избори, тој оди на идентификација со биометрискиот уред, па го зема гласачкото ливче и се потпишува во избирачкиот список. Потоа го зема гласачкото ливче и нормално гласа сам зад параван, појасни.
„Затоа ги замолуваме сите избирачки одбори детално да ги почитуваат законот и сите наши подзаконски акти и да постапуваат врз основа на сите наши напатствија и наши подзаконски акти и согласно закконот“, рече таа.
Ова, како што рече, се однесува на неколку општини, неколку избирачки одбори, кај кои било реагирано.