Македонија
„Скопје 2014“ ќе почне со Гоце и Даме

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и официјално застана зад „Скопје 2014“. Градот ќе учествувал во државниот прокет со обнова на фасадите и уредувањето на околниот простор. Трајановски за прв пат обелодени дека целиот проект ќе чини 80 милиони евра
Со проектот „Скопје 2014“, како што рече Трајановски, централното градско подрачје ќе добие нов изглед и нови содржини, со кои Скопје ќе биде препознатливо и ќе стане метропола.„Градбите ќе ја отсликуваат традицијата и културата во Република Македонија, а на архитектите, уметниците и скулпторите од нашата држава ќе им се овозможи да дојдат до израз“, изјави Трајановски на заедничката прес-конференција со Владимир Тодоровиќ, градоначалник на Општина Центар.
Трајановски за прв пат обелодени дела целиот проект Скопје 2014 ќе чини севкупно околу 80 милиони евра, а на годишно ниво за капиталните инвестииции од овој тип во културата ќе бидат издвојувани од 0,5 до еден отсто од државниот буџет, со што ги демантираше обвинувањата на опозицијата дека проектот ќе чини од 200 до 300 милиони евра.
Проектот прво ќе започне со реализацијата на спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев кои ќе бидат готови до средината на оваа година. Како што денеска објасни Тодоровиќ, споменикот на Александар Македонски ќе биде поставен на плоштадот Македонија во втората половина на 2011 г. Според Тодоровиќ, во моментот се работи на споменикот, се отстрануваат ситните грешки, по што ќе следи постапката на лиење во Фиренца.
Двајцата градоначалници останаа на ставот дека проектот се уште е отворен за нови инцијативи. Така на новинарските прашања кој дел од Скопје 2014 го претставува мултиетничкиот карактер на државата, што е една од најголемите забелешки на целата инвестиција, Трајановски одговори:„Овој проект не е завршен, ќе се проширува, надоградува и има простор да се вклопат сите оние нешта кои не биле вклопени до сега“.Тодоровиќ, пак, вели дека лично ќе се потруди втората инцијатива за Бурмали џамијата да биде прифатена од советниците.„Ќе се обидам таа да влезе на дневен ред и по таа иницијатива членовите на Советот да расправаат и да донесат одлука“, рече Тодоровиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови

Времето во текот на утрешниот ден, претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до15 степени.
Во Скопје, ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.
Македонија
Мицкоски: Да не дозволиме да се вратат оние што 20 години ја уништуваа Македонија

„Според сите анкети, според јавното мислење, но и според граѓаните и перцепцијата, генерално, јасно е дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ќе бидат убедливи победници. Тоа сите го знаат“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Сарај во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за изборите во недела, на 19 октомври.
Мицкоски испрати порака за масовно излегување на изборите на 19 октомври.
„Затоа што ценам дека на тој начин ќе имаме континуитет во реформите, на тој начин ќе имаме континуитет во испораката и мислам дека на тој начин ќе продолжиме заедно да чекориме. Да не дозволиме да се вратат сите оние структури коишто седум години ја уништуваа, ја ограбуваа Македонија и ја распродаваа Македонија“, рече Мицкоски.
Од Сарај, Мицкоски се осврна и на политичката партија ДУИ за која рече дека 20, 22 години била дел од различни владини структури, која сега се чувствува неприродно во една поинаква позиција кога се во опозиција и која цела кампања, посебно првата недела му ја посветила на него.
„Немаше митинг најмалку по 15 до 20 пати да го спомнат моето име. Сакав едно време да им се јавам да им кажам „аман луѓе дајте кажете што ќе правите четири години. Дај оставете или зборувате за Кристијан или како ќе се вратите на власт, или правите етнички поделби“. Тоа беше целата кампања на ДУИ“, рече Мицкоски.
Мицкоски даде одговор и на повиците од ДУИ за предвремени парламентарни избори.
„Замислете да има предвремени парламентарни избори и замислете на тие предвремени парламентарни избори, еве ДУИ да има добар резултат, бидејќи од другава страна се знае дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, после големата победа на локалните избори, на парламентарни евентуални избори би освоила огромно мнозинство гласови, можеби 61 пратеник. Со кого ќе прават коалиција, како ќе ја гласаат мојата Влада? До пред 5-6 месеци не им чинев, Кристијан ваков, Кристијан таков, како ќе ја гласаат мојата Влада, како ќе бидат мои министри. Еве јас го поставувам тоа прашање, не можат да измислат друг. Еве ние имаме 61, што правиме тогаш? Или ќе заборават? Ќе речат тоа не важи, сега ќе се препакуваме како што тоа го правевме 20 и повеќе години, нашиот личен интерес ќе го ставиме пред сè и ќе си функционираме како да ништо не било. Тоа така не бива“, порача Мицкоски.
Македонија
Божиновска на состанокот на министри за економија од Берлинскиот процес: во фокусот унапредувањето на акцискиот план за заеднички Регионален Пазар

Берлинскиот процес претставува значајна платформа за соработка меѓу земјите од Западниот Балкан и европските партнери, со цел унапредување на регионалната интеграција, економски раст, подобрување на инфраструктурната конективност, како и приближување кон стандарди на Европската Унија, се истакнува во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Еден од централниот фокус на состанокот, како што е соопштено, е спроведувањето и унапредувањето на Акцискиот план за Заеднички Регионален Пазар (Common Regional Market 2025-2028), кој е клучен инструмент за остварување на слободен проток на стоки, услуги, капитал и работна сила во регионот, како и за поттикнување на конкурентноста и економската конвергенција со ЕУ.
„Други важни теми на состанокот се:
• Поттикнување на инвестициите, особено во зелени и дигитални сектори;
• Јакнење на регионалната инфраструктура и поврзаноста помеѓу земјите (транспорт, енергетика, дигитална конективност);
• Поддршка за реформски процеси, приближување кон ЕУ-регулативите и стандардите, со што се овозможува појасен и поодржлив пат кон евроинтеграцијата.
Министерката Божиновска, од името на Република Македонија, ја потврдува нашата посветеност за активен ангажман во сите механизми на Берлинскиот процес, како и во рамките на Заедничкиот Регионален Пазар. Нашата цел е да обезбедиме дека националните интереси и приоритети се инкорпорирани, дека реформите се спроведуваат по план, и дека придобивките од регионалната интеграција се почувствуваат од сите граѓани“.
Овој состанок е нагласено во информацијата, претставува можност за размена на искуства, зајакнување на партнерствата, како и координација со меѓународни финансиски институции и други партнери кои можат да дадат поддршка за проекти што носат конкретни резултати.