Македонија
Наумовски: Паралелни преговори за името и за членство во ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски смета дека е можно преговорите за името да се водат истовремено со преговорите за членство во Европската унија
Во интервју за неделникот „Форум“, Наумовски изјави дека Владата е свесна дека поради начинот на одлучување во Унијата постои потреба ова прашање да се реши што е можно побрзо. „Токму поради тоа ние продолжуваме да преговараме со цел да најдеме решение, а не да преговараме бесконечно. Сметам дека е можно овие два процеса да течат паралелно, односно – преговорите за разликите околу името да се водат истовремено со преговорите за полноправно члентсво“, изјави Наумовски. Запрашан кога очекува Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, Наумовски одговори дека верува оти тоа е можно и за време на шпанското претседателство. „Секако постои веројатност и на самитот во јуни да не биде определен датумот бидејќи една од државите – членки на ЕУ нема да се согласи со тоа , но без разлика на исходот, нашата ориентација останува непроменета“, изјави Наумовски во интервју за „Форум“. Во меѓувреме од Брисел стасуваат сериозни пораки до македонската Влада што побрзо да го затвори спорот со Грција бидејќи ризикува да остане надвор од агендата на Унијата. Известувачот за Македонија во европскиот парламент, Зоран Талер, вчера предупреди дека постои објективна опасност Македонија да биде симната од дневен ред во ЕУ поради нерешавањето на спорот со името. Талер додаде дека доколку се пропушти оваа шанса, спорот со името би можел да стане замрзнат конфликт кој би бил оставен на следните генерации да го решаваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски од Мала Преспа: Македонскиот дух тука живее силно и гордо

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков се во посета на Македонците во Мала Преспа каде присуствуваат на фестивалот „Македонско културно лето“–симбол на истрајноста и духот на македонската заедница во Албанија.
„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски со кого разговараа за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион“, истакна министерот Тошковски.
Присутните вечерва имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо“, заврши министерот Тошковски.
Македонија
Улиците во Карпош вечерва во тотален мрак

Општина Карпош во моментов е без улично осветлување поради пад на системот.
Од Општината информираа дека во моментот се работи на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот.
Се очекува осветлувањето да биде нормализирано во најбрзо време.
Македонија
Костадинов го замрзнува членството во СДСМ, најави ново политичко делување

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ, незадоволен од сегашното раководство и од насоката во која се движи партијата. Како што наведе во објава на социјалните мрежи, одлуката е донесена од чесност и срце, со уверување дека СДСМ треба да се врати таму каде што и е местото.
Костадинов порача дека во моменталната политичка состојба не гледа реална понуда и визија за градот, додавајќи дека не сака да се кандидира по инерција или без конкуренција. Тој нагласи дека во изминатите 11 години не изгубил ниту едни избори и дека секоја негова победа била победа за Струмица.
Во своето обраќање, Костадинов ги потенцираше реализираните проекти во Струмица, како електричниот јавен превоз, велосипедските патеки, нови паркови.
Иако го замрзнува членството, тој изјави дека останува социјалдемократ по вредности, но и дека не може да молчи кога гледа немање став и храброст кај раководството на СДСМ.
Најави и создавање ново интерпартиско делување кое ќе биде презентирано по локалните избори, а за кое вели дека ќе има целосно прецизна стратегија со цел обединување авторитети.
Конечната одлука за неговото идно делување, Костадинов, ќе ја соопшти по завршување на локалните избори.
СДСМ денес соопшти дека за нов градоначалник на Струмица ќе го кандидира претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски.