Македонија
Честитки за Денот на независноста до претседателот Иванов
По повод празникот 8. септември, Денот на независноста на Република Македонија, Претседателот Ѓорге Иванов доби честитки од голем број шефови на држави од светот, соопштуваат од неговиот Кабинет
Барак Обама, претседателот на САД во својата порака уште еднаш го потенцира македонскиот придонес кон светската безбедност.„Ја поддржуваме Македонија која продолжува на реформскиот пат и се движи кон интеграција во евро-атланските институции. Верувам дека нашето партнерство дополнително ќе се засили и продлабочи како што ја продолжуваме нашата соработка за да оствариме толеранција, мир и просперитет за да го унапредиме човековото достоинство ,“ пишува во пораката од претседателот Обама до неговиот колега Иванов.Германскиот Претседател Кристјан Волф во својата честитка по повод 8 Септември упатена до Иванов порачува: „доближувањето на Вашата земја до евроатланските структури претставува голем предизвик кој бара готовност за реформи и политичка далекувидност. Препораката на Европската Комисија за отпочнување на преговорите за членство е важен успех.“ „Италија останува убедена дека комплетното вклучување на западниот Балкан во процесот на евро-атланската интеграција е суштински услов за реализирање на главната цел – стабилност и економски и социјален развој на регионот. „Убеден сум дека во рамките на заедничката евро-атланска припадност нашите веќе плодни билатерални односи ќе можат дополнително да се развиваат,“ вели во пораката претседателот на Италија Џорџо Наполитано,И грчкиот шеф на државата, Каролос Папуљас, упати честитка по повод 8 Септември во која се вели: „По повод националниот ден на Вашата држава, би сакал во име на грчкиот народ и во мое лично име да Ви ги упатам моите најдобри желби за просперитет, благосостојба и напредок на поранешната Југословенска Република Македонија и нејзиниот народ.“Претседателот Иванов по повод големиот празник прими честитки и од Претседателот на Република Литванија, Далиа Грубаускатие, Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина Харис Силајџиќ, Мишел Жан, Генерален Гувернер на Канада, Квентин Брајс, Генерален Гувернер на Комонвелтот Австралија, Кралот на Саудиска Арабија Абдула бин Абдулазиз ал Сауд и принцот Султан бин Абдулазиз ал Сауд и Асиф Ал Зардари, Претседател на Исламска Република Пакистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

