Македонија
Тодоров: Вчерашниот инцидент е поширок општествен проблем
Министерот за образование и наука Никола Тодоров денеска изрази жалење за вчерашниот инцидент во кој еден средношколец со нож избоде двајца средношколци пред гимназијата „Орце Николов“ во Скопје
Министерот Никола Тодоров додаде дека тоа е настан кој се случил надвор од училиштето и оти ваквото однесување претставува поширок општествен проблем. „Инцидентот се случи надвор од училишните дворови и училишните простории, но во секој случај е немил настан кој говори за состојбата и однесувањето на младите. Тоа е поширок општествен проблем на кој сите институции треба да работат. Треба посериозно да се работи на моралниот интегритет и на пристапот на младите кон живеењето и функционирањето и во училиштата и надвор од нив“, рече Тодоров. Тој посочи дека сите институции и органи треба да реагираат за да се минимизира ваквото однесување кај младите и ваквите инциденти. „Мислам дека некои од младите за пример земаат лица кои не треба да бидат пример и кои имаат сомнителни активности. Според мене, тоа е една од причините поради која дел од младите сè повеќе се одлучуваат на ваков начин на однесување. Ова е општествен проблем и треба да се третира од сите институции“, рече министерот Тодоров. Според него, битно е што е лоциран виновникот и се преземени мерки за расчистување. Тодоров додаде дека е невозможно да се очекува целосно да се спречи појава на вакви инциденти и криминал на територијата на целата држава, со оглед на тоа што, како што рече, тоа не може да се направи во ниту една друга земја, и повтори дека треба да се работи на нивно минимизирање. Тој денеска се сретнал со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски со кој разговарале за планираните инвестиции за наредната година, како и за предвидените буџетски средства. „Со градоначалникот Трајановски разговараме за буџетските средства што како блок дотација до Градот Скопје се префрла од МОН. За наредната година средствата се зголемени за 100 милиони денари и ќе изнесуваат вкупно една милијарда и четири милиони денари. Со тоа ќе бидат задоволени сите потреби“, рече министерот Тодоров. Во врска со превозот на средношколците, Тодоров рече дека тоа прашање е решено со дополнително алоцирани средства. Министерството за внатрешни работи ќе поднесе кривична пријава за нанесување на тешка телесна повреда против седумнаесетгодишниот С.У., ученик во гимназијата „Орце Николов“, кој вчера попладне со нож избодe двајца средношколци од гимназијата „Никола Карев“, соопшти МВР. Неофицијално, средношколецот кој извадил нож е син на поранешен висок полициски функционер, а едно од повредените деца Н.С (16) е син на началникот на генералштабот, Мирослав Стојановски. Според првичните информации, двете групи се скарале поради кошаркарскиот натпревар што се одигруваше синоќа меѓу МЗТ Скопје – Работнички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

