Македонија
Започна изградбата на катна гаража кај Цветен пазар
Со поставување на камен темелник во близина на цветниот пазар на паркингот меѓу улицата Мито Хаџивасилев Јасмин и булеварот Македонија, денеска започна изградбата на втората катна гаража, од проектот за изградба на седум катни гаражи во центарот на Скопје.
Со поставување на камен темелник во близина на цветниот пазар на паркингот меѓу улицата Мито Хаџивасилев Јасмин и булеварот Македонија, денеска започна изградбата на втората катна гаража, од проектот за изградба на седум катни гаражи во центарот на Скопје.Изградбата ќе го чини Градот околу 10 милиони и 700 илјади евра, средства издвоени од буџетот и со задолжување на Градот во НЛБ Тутунска банка.Објектот ќе биде висок 21 метар и ќе има два ката под земја и седум ката над земја, со 445 паркинг места од кои што 17 паркинг места ќе бидат за лица со посебни потреби. Во приземјето се предвидени деловни содржини, а последниот кат е предвиден за угостителство.Вертикалниот транспорт на посетителите е организиран со вертикални комуникации и лифтови. Една рампа ќе се користи само за качување на катовите, а другата само за симнување на возилата, со што ќе се обезбеди непречено целосно одвоено движење за влез и за излез на возилата.Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на отпочнувањето на градежните работи истакна дека објектот ќе биде современ, со фасада изработена од префабрикувани алуминиумски елементи, со модерен систем за греење и ладење и осветлување и со отвори за природна вентилација.„Со изградбата на катната гаража ќе се придонесе во намалување на проблемот со паркирање во централното градско подрачје како еден сегмент од решавање на проблемите во сообраќајот во градот“ – рече ТрајановскиПристап кон објектот се предвидува од новопроектираната сервисна улица, која ќе биде поврзана со улицата Мито Хаџивасилев Јасмин.Премиерот Никола Груевски ја поздрави инвестицијата и истакна дека пред само 20 дена започна изградба на првата катна гаража од големиот проект за изградба на седум катни гаражи во центарот на СкопјеСпоред Груевски, градежната експанзија во Македонија продолжува со уште поголема динамика со изградба на патишта, спортски и енергетски објекти, објекти од областа на културата, катни гаражи и објекти од проектот Скопје 2014“ „Со сите овие објекти кои се градат освен што решаваме долгогодишни проблеми и реално го подобруваме квалитетот на живот на граѓаните, во голема мера помагаме и на градежниот сектор. Огромен дел од капацитетите на македонското градежништво се ставени во функција и ангажирани во многу проекти. За разлика од нив голем број европски земји кои во изминатиот период на светска економска криза имаа пад во градежништвото и испуштање на голем број работници, македонското градежништво, благодарение на проектите на владата и на локалната власт оствари раст од 9, 2 отсто. Овој сектор е од голема важност, бидејќи градежништвото е поврзано со 26 други гранки кои и даваат силен импулс на нашата економија“ – додаде ГруевскиПроектот за катната гаража е на група автори. Градежните работи ќе ги врши Гранит, а рокот на изградба е две години.. крај/к.с
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од вторник заладување со пообилни врнежи од дожд и снег
Управата за хидрометеоролоши работи (УХМР) најави дека утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег.
На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има пообилни врнежи од дожд и снег.
Како што најави претходно УХМР, на планините во северните делови денеска врнежите од дожд ќе преминуваат во снег, а попладне ќе дува ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17 степени. Утре минимална температура од -1 до 4 степени, а максимална од 4 до 13. Најниска утринска температура се прогнозира за во четврток, од -1 до -8 степени.
Македонија
Граѓаните може да го видат работењето на Уставниот суд одблизу секој прв четврток во месецот
Уставниот суд на Македонија, по повод 62-годишнината од првата седница одржана на 15 февруари 1964 година, ги повикува граѓаните на редовни средби со претседателот Дарко Костадиновски, кои ќе се одржуваат секој прв четврток во месецот.
Прес-службата на Уставниот денеска соопшти дека целта на средбите е да се приближи работењето на овој суд до граѓаните, да се подигне свеста за уставно загарантираните права и да се објасни начинот на правилно поднесување на поднесоци.
Посочуваат дека средбите претставуваат можност граѓаните одблизу да се запознаат со надлежностите, постапките и значењето на одлуките на Уставниот суд во заштита на правата и слободите.
За учество, заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса [email protected], а за дополнителни прашања на располагање е и телефонскиот број +389 2 322 3626, се наведува во соопштението.
Македонија
Измени на Законот за електронски комуникации за укинување на трошоците за роаминг
Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.
За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизико интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.
Европската комисија на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година формално извести дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение со кое ќе се овозможи земјите од регионот да пристапат кон инцијативата за „Роаминг како дома“.
Во август 2025 година Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од Европската Унија, како дел од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг и прилози. Согласно акцискиот план се задолжи Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронските комуникации да го спроведе Акцискиот план во кој е утврдено дека најдоцна до 22 декември 2025 година да се изработи и до Владата да се достави детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и релевантните регулативи на Европската Унија, и најдоцна до април 2026 година да изработи законски/подзаконски акти врз основа на деталната анализа.

