Македонија
Опозицијата обвини- антикорупционерите ќе ги штитат интересите на ВМРО-ДПМНЕ
Опозициските партии денеска обвинија дека новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе ги штити интересите на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициските партии денеска обвинија дека новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе ги штити интересите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Груевски почувствува дека ќе ги изгуби изборите и побрза навреме да ги вдоми своите партиски послушници, од типот на Мирјана Димовска која за целиот свој претходен мандат и тригодишно претседавање со Антикорупциска комисија не откри ниту една коруптивна зделка кај власта, од илјадниците можни“, изјави пратеникот Горан Мисовски од НСДП.
Мисовски смета дека новата Антикорупциска ќе треба да ги истражи и документира проектите: арената „Филип Втори“, изградбата на 140 тениски терени, спортски сали, фудбалски игралишта, деветте базени, медиумска пропаганда преку владини кампањи, тендерите за увоз на струја, бизнис зделките со ОКТА, пасошите по итна постапка, Сведмилк, вработувањето во јавната администрација, трошењето на буџетските средства според ревизорските извештаи, како и проектот „Скопје 2014“.
Либералдемократите реагираат на изборот на членовите на Антикорупциска комисија и на старо-новиот член Мирјана Димовска.
Вака направениот избор без присуство на најголемиот дел на опозицијата сметам дека е лош потег што праќа исклучително лоша порака до јавноста, за тоа колку ова владејачко мнозинство сака да се бори против криминалот и корупцијата.
„Дотолку повеќе изненадувачки е што Мирјана Димовска којашто преживеа една интерпелација, која што беше многупати посочувана дека не работи во интерес на државата, туку во интерес на ВМРО-ДПМНЕ повторно се најде на овој список. Не очекувам дека ваквиот состав ќе има доверба кај граѓаните и дека успешно ќе ја извршуваат функцијата за која се избрани“, изјави Роза Топузовска – Каревска од ЛДП, посочувајќи дека има и добри кандидати коишто се избрани да бидат дел од ова тело, но оти времето ќе покаже како ќе се борат со корупцијата.За Нова демократија новиот состав на комисијата е контроверзен.
„Со почит кон дел од членовите на комисијата, меѓутоа еден добар дел од нив немаат ниту потенцијал, ниту волја за да се справат со корупцијата и да ги обелоденат коруптивните случувања што секојдневно ги имаме во земјава. Пред се доколку истите прифатиле да бидат членови, ние апелираме да обелоденат за корупциите во Министерството за култура за проектот „Скопје 2014“, како и во Министерството за екологија, Министерството за локална самоуправа и сл. Апелираме да излезат пред народот и да ги обелоденат случувањата во овие институции, но исто така да обелоденат и за оние 220 милиони евра кои што се земаат од ММФ и Светска банка, да видиме како истите ќе се употребат“, рече Флора Кадриу од НД.
Новите антикорупционери денеска дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски, давајќи уверување дека ќе сторат се’ за да ги оправдаат очекувањата на граѓаните.
Четворица од седумте членови се старо-нови. Актуелниот претседател Илми Селами, Зоран Додевски, Љубинка Муратовска Маркова и Мирјана Димовска, а Воислав Зафировски, Љубинка Корабовска и Сеиди Халили, се новите антикорупционери./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

