Македонија
Европратеници: Изборите – клучни за евроинтегративниот процес на Македонија
Предвремените парламентарни избори во Македониjа, што ќе се одржат на 5 јуни, ќе имаат клучно значење за eвроинтегративниот процес на земјата, сметаат европратениците, пренесува Дојче Веле на македонски јазик
„Предвремените парламентарни избори ќе бидат од клучно значење за државата во нејзиниот интегративен процес, како дел од исполнувањето на критериумите од Копенхаген“, вели во писмената изјава Ричард Хауит, известувачот за Македонија во Европскиот парламент.Британскиот европратеник притоа додава дека „обврската на владата и на сите политички партии е да се обезбедат слободни и фер избори.“За тоа како овие избори ќе се одразат врз евроинтегративните процеси на Македонија, словенечкиот европратеник Милан Звер вели: „Тешко, тешко е да се каже, не е само проблемот со името, постојат и некои други проблеми. Идната македонска влада ќе треба да пронајде силни соработници, пријатели и поддржувачи во ЕУ, што очигледно во моментов ги нема доволно.“„Проблемот со името останува се’ уште, тоа е можеби повеќе по грешка на Грција отколку на Македонија, но потребно е со новите импулси од изборите да се направи обид да му се стави крај на ова прашање, се разбира со зачувување на македонскиот идентитет, бидејќи токму околу ова се појави проблемот последниот пат во преговорите“, нагласува германската европратеничка Дорис Пак. „Потребно е да се оди и да се гласа! Се надевам, дека политичарите кои ќе победат на изборите вистински ќе се грижат за земјата и ќе се обидат да ја развиваат Македонија кон Европската унија“, додава таа.Европратениците во досегашниот тек на предизборната кампања останаа многу подискретни, тие што на еден или друг начин се вклучија во неа или беа во Македонија во овој период, предизборната кампања ја оценуваат како „демократска и фер“. „Мислам дека кампањата е добра и демократска, на многу добар пат со европски манири“, вели германскиот европратеник Бернд Поселт, еден од потврдените пријатели на Македонија.Во Стразбур не се крие очекувањето дека на денот на изборите и по нив, Македонија ќе треба да го покаже својот демократски капацитет, и се надеваат дека земјата ќе продолжи со реформите.Милан Звер, не сака да се меша во внатрешните работи и во политичката ситуација во Македонија. „Но би сакал да луѓето ги изберат оние кои ќе бидат поефикасни на подрачјето на реформите, кои ќе бидат проевропски и ќе остварат стабилност во регионот“.Македонија во овој период е под лупата на Стразбур и Брисел, каде не се заборавени проблемите со изборните процеси во минатото, ниту пак недостигот на политички дијалог меѓу водечките партии во земјата, што доведе до овие избори. Изборниот мониторинг од страна на странските набљудувачи, сигурно е дека ќе се најде и ќе влијае врз извештаите на Европскиот парламент, Европската комисија и Парламентарното Собрание на Советот на Европа, што ќе се одрази врз евроинтегративните процеси на Македонија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

