Македонија
УЈП побара стечај на А1 телевизија
Управата за јавни приходи до Основниот суд Скопје 2 Скопје, достави предлог за отворање стечајна постапка против А1 телевизија, потврдија од судот. За привремен стечаен управник е назначен Ацо Петров.
На 26-ти јули е закажано рочиштето кога судот треба да утврди дали А1 телевизија има услови да оди во стечај или ќе ги подмири нејзините долгови. Во межувреме, управителката на телевизијата А2. Жаклина Георгиевска, обвинета во случајот „Пајажина“ чија постапка беше издвоена од целиот предмет поради нејзината здравствена состојба, денеска не даде исказ пред Судскиот совет, како што претходно беше најавено. На барање на нејзините бранители, Судот одлучи на 25-ти август да се произнесе за спојување на нејзината постапка со целиот предмет.И Обвинителството и бранителите на Георгиевска е согласија дека споената постапка ќе биде поекономична.Георгиевска пред судот рече дека се чувствува подобро и дека може да учествува во постапката. Се очекува на 25-ти август таа да ја даде својата одбрана пред сите обвинети во присуство на нејзините бранители. Инаку, во судскиот процес „Пајажина“ кој се води против сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски и неговите блиски соработници, сите обвинети освен Георгиевска пред Судскиот совет ја дадоа своја одбрана. Сите се изјаснија за невини и се оградија од финансиското работење во фирмите каде што биле управители.Обвинителството во овој случај товари вкупно 23 лица за затајување данок, злоупотреба на службената положба, перење пари и злосторничко здружување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Прекршок ќе се регистрира од 57 километри на час при дозволени 50, толеранцијата како кај полициските радари
Толеранцијата на камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде иста како онаа што се применува кај останатите полициски радари, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Министерот нагласи дека толеранцијата се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.
Според појаснувањето на Тошковски во гостувањето на „Телма“, за брзини до 100 километри на час ќе има толеранција од шест километри, за брзини над 100 километри на час осум километри, а за брзини над 200 километри на час – 12 километри. Тој додаде дека, на пример, доколку дозволената брзина е 50 километри на час, системот ќе регистрира прекршок при 57 километри на час.
Тошковски информираше дека системот „Безбеден град“ ќе ги процесуира и службените возила кога тие не постапуваат во рамки на оправдани оперативни дејствија. Како што појасни, возилата на итната медицинска помош, противпожарната служба, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана нема да бидат евидентирани од системот кога постапуваат во рамки на службени задачи, но ќе бидат опфатени кога не постои оправдана оперативна потреба.
Македонија
Без струја делови од Илинден и Кисела Вода
ЕВН извести дека денес без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.25 до 15.30 часот, корисниците од улиците број 10, 513, 517, 529 и 532, како и објектите на фабриката Хавеп и Агрома во село Марино. ( општина Илинден )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. Томе Арсовски и ул.474.( општина Кисела Вода )
Македонија
Променливо облачно со дожд и снег на планините, од утре стабилизирање на времето
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во источните делови од земјата. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, а попладне врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 6 степени, додека максималните дневни ќе бидат во интервал од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови и слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Од петок следува стабилизирање на временската состојба. За време на викендот, а особено во првите денови од следната седмица, утрата ќе бидат ведри и студени, со утрински температури кои насекаде ќе бидат под нулата.

