Македонија
Мешовитиот парламентарен комитет го нотираше отсуството на „македонски“
Отсуството на придавката „македонски“ од извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија се најде во завршните препораки усвоени на крајот од 9-от состанок на Мешовитиот Парламентарен Комитет Република Македонија – Европска Унија.
Отсуството на придавката „македонски“ од извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија се најде во завршните препораки усвоени на крајот од 9-от состанок на Мешовитиот Парламентарен Комитет Република Македонија – Европска Унија.
Членовите на комитетот, повикувајќи се на неодамна усвоените заклучоци на Собранието во кои се изразува загриженост за отсуството на придавката „македонски“ во извештаите за напредокот од 2009 година наваму, повикаа Европската Комисија и Европскиот Парламент да ги имаат в предвид реакциите во македонската јавност во врска со тоа.
„Ја зема во предвид Резолуцијата на Собранието во која се изразува загриженост за отсуството на придавката „македонски“ во извештаите на ЕК за напредокот од 2009 година наваму, жали за негативната реакција што овој овој аспект ја предизвика во јавноста оваа година и очекува дека Европската Комисија и Европскиот Парламент ќе го имаат тоа во предвид при изготвувањето на наредните извештаи за поранешната југословенска Република Македонија“, се вели во една од усвоените препораки.
Во документот се поздравува третата препорака за старт на пристапните преговори, а од Македонија и Грција се бара да ги интензивираат напорите за изнаоѓање решение под покровителство на Обединетите Нации и да превземат конструктивни чекори кои позитивно ќе влијаат на добрососедските односи. Истовремено, се нотира дека прашањето за името е билатерално прашање кое не е поврзано со пристапните преговори.
„Сите европарламентарци што учествуваа на овој состанок со својата дискусија на овој состанок покажаа дека сите се за тоа Република Македонија што поскоро да биде членка на Европска Унија. Го поддржаа тој проевропски дух којшто е висок и ја верувам дека тоа позитивно ќе влијае да го задржиме тој висок процент на проевропски дух како демант на оние кои што велат дека во Македонија почнува да се шири евроскептицизмот. Навистина Европската Унија има и свои проблеми. Разговаравме и за економските проблеми во еврозоната, можните рефлексии врз Република Македонија, можноста преокупацијата со овие проблеми да го стави во сенка проширувањето. Меѓутоа, по се она што го видовме овие два дена, јас верувам дека тој процес ќе продолжи и дека Република Македонија ќе си го најде местото кое што го заслужува“, рече Кенан Хасипи, ко-претседавач на комитетот од македонска страна.
Реформата на јавната администрација, судството, борбата против корупцијата, како и прашањето за инфраструктурни проекти биле дел од дводневниот состанок на комитетот. За дел од овие теми било разговарано и на вчерашната средба на премиерот Никола Груевски со европратениците.
„Премиерот искористи време да ни ја објасни реформата на судскиот систем, особено улогата на судиите и особено транспарентноста за тоа како се бираат судиите и го објасни системот на именување. Сигурен сум дека ова е познато за овдешната јавност. За нас беше нов развој и го поддржавме овој напор и лично бев од познавањето на деталите на премиерот во врска со оваа реформа. По неговата презентација имавме долг разговор и прашања од сите членови, исто така прашања што беа многу чувствителни и премиерот исто така одговори во детали“, рече Шацимаркакис.
Во однос на борбата против корупцијата, тој посочи дека треба да се работи на промена на менталитетот.
„Мојата перцепција е дека корупцијата не секогаш е техничко прашање, туку е прашање на менталитет. Мислам дека еден од нашите членови, Антонио Милошоски јасно објасни дека пред околу 20 години ќе се гледало позитивно, не само тука, туку и во другите земји ако вие како политичар сте земале многу пари користејќи ја својата позиција или како службеник. Можам да видам дека тоа овде се променило драматично. Тоа е важно за нас да го разбереме – дека не само техничките детали се на сила и функционираат, туку и менталитетот да се промени“, рече Шацимаркакис.
По дводневниот состанок, мешовитиот комитет усвои вкупно 39 препораки. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

