Македонија
Хауит: Европскиот парламент сака преговори со Македонија
Европскиот парламент ја поддржува Македонија во нејзината намера за што побрзо приклучување кон ЕУ, вели британскиот европратеник и известувач за Македонија Ричард Хауит за Дојче Веле.
Европскиот парламент ја поддржува Македонија во нејзината намера за што побрзо приклучување кон ЕУ, вели британскиот европратеник и известувач за Македонија Ричард Хауит за Дојче Веле. Тој во извештајот за напредокот на Македонија за 2011 година бара конкретен датум за преговори.
„Денешниот статус кво не е задоволувачки“, изјави британскиот европратеник и известувач за Македонија Ричард Хауит за Дојче веле. Приклучувањето на земјата е во интерес на Велика Британија, на целата Европска унија и на Грција, вели тој. Според него, компромис во спорот околу името е важен, но сега е дојден моментот за напредок во преговорите за приклучување во ЕУ.
Британскиот европратеник не прогнозира дали спорот со името ќе биде надминат. „Преговорите иницирани од ОН се во тек и решението на спорот за името не е во надлежност на ЕУ“, објаснува тој. Но, Европа сепак има одговорност да бара од двете страни постигнување компромис.
Хауит не потрошил ни збор за атинскиот поглед, се лутат грчките европратеници, пренесува Дојче Веле.
Грчките европолитичари се на мислење дека сега не би било паметно да се одредува датум за преговори. „Спротивната страна смета дека времето работи за неа“, вели европратеникот од редовите на Неа Демократија, Јоргос Кумуцакос. Поради тие причини, како што додава тој, „Скопје има интерес да ги одолговлекува преговорите и да ги торпедира постојано со нови провокации, како со именувањето на аеродромот во Скопје во ’Александар Велики’“.
Грчките европарламентарци се лути пред се‘ поради тоа што британскиот известувач Хауит не потрошил ниту збор за атинскиот поглед на изјавите на политичката класа во Скопје.
„Извештајот е неодмерен и ние, се разбира, ќе направиме обид за извесни промени во текстот“, објаснува политичарката за надворешна политика од редовите на ПАСОК, Мариa Eлени Копа.
Известувачот Ричард Хауит има поинаков став. „Се разбира, очекувам опширни коментари од страна на грчките колеги, тоа е дел од демократијата каква што се негува во Европскиот парламент“, вели тој, додавајќи дека ќе ги прими до знаење постоечките разлики во мислењата и тоа ќе го почитува, но од друга страна, јасно е дека мнозинството во Европскиот парламент е за почеток на преговори.
Околу извештајот на Хауит во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент се дебатира опширно. Дебата и конечно прифаќање на пленарна седница на ЕП во Стразбур се очекуваат кон средината на март. Тоа, меѓутоа, не е обврзувачки за шефовите на држави и влади на 27-те земји членки на ЕУ.крај/дојчевеле
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

