Македонија
28 години од атентатот на Киро Глигоров
Поминаа 28 години од атентатот на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров.
Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач, Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, пензионер и случаен минувач покрај местото на настанот.
Нападот се случи со автомобил бомба точно во 9.50 часот на улицата Македонија пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров поминувал со службеното возило кон работното место во Собранието. Бомбата, поставена во автомобил „ситроен ами 8“, експлодира кога автомобилот на претседателот минуваше покрај неа.
Понатаму, од сознанија на истрагата се утврди дека автомобилот бил намерно избран за поставување бомба затоа што има тенок лим, кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели.
Ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сè уште не се познати.
Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и 30-ина информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.
За обидот за атентатот врз него, Глигоров напиша и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовира во 2002 година. Претседателската функција Глигоров ја извршуваше во два мандата, од 1991 до 1999 година.
Атентатот над претседателот се случи во мандатот на Љубомир Фрчкоски како министер за внатрешни работи. Неколку месеци од атентатот во 1995 за можни атентатори разузнавачката служба ја посочила „Ослободителната војска на Македонија“, со седиште во Австралија.
Глигоров беше политичар што бил влијателен и почитуван на македонската политичка сцена пред и по независноста.
Роден во Штип 1917 година, Глигоров дипломирал право на белградскиот Правен факултет. Во текот на Втората светска војна, претседателот Глигоров учествувал во борбата против фашистичките сили и бил секретар на иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ. Бил на повеќе важни политички и економски функции во СФР Југославија и во Сојузот на комунистите на Југославија.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во 95-тата година од животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

