Македонија
Заврши протестот во Скопје – инцидент пред Влада
Скршен билборд на постојката пред Владата на Македонија и фрлање камења кон полицајците кои го обезбедуваа овој објект.
Вака заврши протестот кој денеска по петочната молитва започна од Јаја паша џамијата кај „Чаирчанка“, а заврши кај мостот „Гоце Делчев“.
Неколку стотини граѓани по петочната молитва ја блокираа улицата кај „Јаја паша“ џамијата за да го изразат револтот по полициската акција „Монструм“ во која беа уапсени лица кои се осомничени за петкратното убиство кај Смилковци.
Дел од присутните на протестот изјавија дека се собрале спонтано и дека никој не ги организирал. Биле револтирани што полицијата приведувала жени.
Еден од нив дури и тврдеше дека неговиот брат бил сведок на убиството кај Смилковци дека бил кај министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и дека немало никаков „црвен опел“ на местото. Според него, брат му не излегувал во јавност бидејќи се плашел.
Протестот започна со извици „Албанците се муслимани, но не се терористи“, „Алах е голем“ и „Стоп за монтираните случаи“.
Демонстрантите со албански знамиња и знамето на Саудиска Арабија се движеа по улицата „Цветан Димов“, низ Бит пазар кон Основниот суд Скопје 1.
Кога стигнаа пред судот каде имаше големо полициско обезбедување, револтирано почнаа да викаат „убијци, убијци“, „УЧК“, а еден од нив ги смируваше да не прават инциденти бидејќи исламот не учел на насилство.
Од пред Кривичниот суд се упатија кон Влада каде почнаа да извикуваат погрдни зборови за премиерот Никола Груевски и неговиот коалиционен партнер и лидер на ДУИ, Али Ахмети.
На заминување од Владата кон мостот „Гоце Делчев“ се направи турканица, при што дел од демонстрантите го скршија стаклото на билбордот на автобуската постојка пред Влада и фрлаа камења кон и други тврди предмети кон полицајците.
Демонстрантите се разотидоа кај мостот „Гоце Делчев“ , а од МВР велат дека досега нема пријава за повредени ниту од демонстрантите, ниту од полицајците.
Убиството се случи на 12 април кај Смилковското езеро, беа убиени петмина недолжни граѓани. МВР во вторникот приведе 20 лица осомничени дека учествувале во убиството. Од нив, петмина биле директно поврзани со убиството, но двајца се избегани на Косово. По нив трага и Интерпол./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Сопственикот на илегалната дрога, рамо до рамо со Венко Филипче, јасно е кој седи позади дрогата
Со денови ги слушаме СДС и Филипче, во прашална форма како лажно ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за некаков шверц на дрога, па го мешаат Томовски, и кој се уште не, но, еве ја вистината на дело.
Откриваме фрапантен податок и фотографија, која покажува директна инволвираност на Венко Филипче со шверцот на илегалната дрога. Венко и газдата на фабриката со илегалната марихуана – еден до друг, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче на телевизиско интервју, кажа дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на Фирмата „ЦБД Медплант“ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, а како што гледаме на сликата тие двајца добро се познавале и соработувале.
Венко Филипче и Тони Котев, рамо до рамо еден до друг.
Венко Филипче и СДС, наместо секојдневно да прашуваат и да шират невистини и манипулации, треба да одговорат на вистинското прашање, зошто се толку потресени и толку силно водат кампања за овие заплене на околу 30 тони дрога? Дали во СДС се исплашени затоа што Филипче и Заев се вмешани во трговијата со дрога? Затоа ли Филипче добро знае колку камиони требаат за одредена количина на дрога? Затоа ли во 2023 година го променија правилникот за одгледување на канабис? Колку милиони требале да заработат и на овој криминал“.
Според него, каде има чад, има и оган.
„Каде има криминал и корупција, таму се и Филипче и Заев. Ако порано се велеше дека сите патишта водат кон Рим, денес сите патишта за криминал и корупција, водат кон Филипче и Заев“.
Го повика ЈО, да ја истражи поврзаноста на Филипче и Заев, во случајот со 30-те тони запленети дрога.
Македонија
(Видео) Македонија на чекор до историски трговски договор со САД, рече Стојаноски
Македонија е на чекор до потпишување историски трговски договор со Соединетите Американски Држави, објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека се работи за „историски успех за македонската Влада и дипломатија“.
Како што информира Стојаноски, доцна синоќа Белата куќа објавила Заедничка изјава за реципрочна трговија помеѓу САД и Македонија, со која се најавува рамка за договор со царински тарифи до 15%, а за одредени производи и 0%.
„Се идентификуваат производи коишто ќе добијат до 0% реципрочна тарифа, што значи дека за дел од клучните индустрии и производи царинските тарифи ќе се намалат до нула“, рече Стојаноски.
Според него, ова претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и економската соработка меѓу двете држави. Договорот, како што рече, на македонските компании ќе им обезбеди конкурентска предност, регулаторна сигурност, предвидливост и посилна позиција на американскиот пазар.
„Во овие непредвидливи глобални времиња се зачувани илјадници работни места, а се испраќа и сигнал за политичка и економска стабилност на нашите односи со официјален Вашингтон“, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, Стојаноски истакна дека документот е доказ за неоснованоста на критиките од СДСМ дека Владата нема надворешен план или визија. Целта на Владата, рече тој, е повеќе извоз, инвестиции и добро платени работни места дома.
Македонија
Левица: Радикално кратење на земјоделските субвенции, десничарската ДПМНЕ покажува дека не и требаат земјоделци
Со усвојувањето на новата програма за унапредување и поддршка на македонскиот аграр од страна на владата, сведоци сме дека оваа таканаречена програма не нуди ни унапредување ни поддршка, а ни развој на домашното земјоделско производство на храна, велат од Левица.
Ова, како што додаваат, е уште една капка која веќе ја прелива чашата на неиздржливост, која радикално десничарската реакционерна партија ДПМНЕ, им ја сервираше на македонските земјоделци во овие неполни две години власт.
„Партијата позната по криминалот и корупцијата, по луксузот кој си го уживаат нејзините функционери платени од парите на работниците, реши да ги скрати земјоделските субвенции за цели 40 милиони евра, од 140 на 100 милиони евра, пари кои сега нема да отидат кај земјоделците туку партијата ќе си ги троши за свои потреби.
И оваа е уште една од вестите за катастрофата што и се случува на нашата земја и домашното производство на храна, после веста дека во 2025 година имаме рекорден увоз на храна од над 1,1 милијарди евра, односно, околу 600 милиони евра трговски дефицит кај храната, пари кои наместо кај домашните земјоделци, завршија кај странските корпорации и трговците блиски до партијата на власт“.
Затоа, за да се спречи пропаста на нашето земјоделско производство и да се заштитат земјоделците кои од чесни производители на храна, оваа влада има намера од нив да направи социјални случаи, апелираме, истакнуваат од Левица, на будност и спремност, на неопходно организирање и преземање на работите и судбината во свои раце.

