Македонија
Бројот на мигранти во Македонија зголемен за 50 отсто
Територијата на Македонија, поради своите географски специфики, е еден од потенцијалните коридори за транзит на мигранти кон земјите кон Европската унија.
Напливот на илегални мигранти особено од земјите од Африка и Азија е во нагорна линија, покажуваат податоците на МВР. Најмногу мигранти има од Пакистан, Авганистан, Бангалдеш, Сомалија, Палестина, Бангладеш, Алжир.
„Во рамки на полициските активности за сузбивање на илегалната миграција, МВР во посочениот период разоткри 21 случај на кривичното дело криумчарење на мигранти, а против 29 лица беа поднесени соодветни кривични пријави. Економската криза во соседна Грција има голем удел во новонастанатата состојба, а нејзиното нерешавање може да очекуваме дека само ќе ги зголеми ризиците во земјава. Факт е дека и претходно нашата јужна граница беше најмногу на удар на илегалците, кои во потрага по побогат живот сакаат да заминат во европските земји. Со продлабочувањето на егзистенцијалните проблеми овој тренд само добива значење“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Ефикасното обезбедување на границите, според министерката за внатрешни работи, подразбира соодветен тренинг и примена на современите стандарди и современа опрема со која би се реализирале поставените задачи.
Амбасадата на САД во Македонија донираше опрема наменета за потребите на Граничната полиција на МВР, во рамки на Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS).
„Програмата за контрола на извоз и гранична безбедност е активна во Македонија веќе осум години и нуди и дава поддршка на Владата на Македонија во вид на обуки и донации на опрема, зајакнување на капацитетите. Во овие осум години се обезбедени над 850.000 американски долари во опрема и беа реализирани над 50 обуки што резултираше со бројка од околу 300 лица кои се вработени во министерството за внатрешни работи да бидат обучени за гранична контрола и контрола на извозот“ рече американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс.
По изјавата на британскиот премиер Дејвид Камерон дека ќе наметне строги гранични контроли кои би ги блокирале грчките граѓани да влегуваат во Обединетото Кралство, ако Грција биде принудена да се повлече од единствената валута, македонското МВР е подготвено да даде сопствен придонес во политиките на ЕУ.
„Ние како надлежно министерство за надзор на државната граница ги следиме сите случувања и во регионот и пошироко и Македонија во континуитет настојува да се профилира како сериозен партнер во делот на заедничката европска миграциска политика. Доколку дојде до вакво нешто, Македонија ќе даде сопствен придонес за да се вклучиме во заедничките политика на ЕУ, за контролирање на миграциските текови бидејќи факт е дека согласно статистиката и понатаму бројките зборуваат дека најмногу мигранти доаѓаат преку јужната граница“ изјави Јанкулоска./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Заедничка изјава и рамка за договор за балансирана трговија со САД и за царински тарифи на одредени производи и индустрии до 0%, ова е политика на конкретни резултати
Продлабочување на стратешко партнерство со САД: силна поддршка и нови економски перспективи за Македонија.
По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава, додава тој, претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа, како што вели, го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст.
„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.
Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“.
Македонија
Ова е веќе ВМРО-ОКГ, нема демократија ниту во името, велат од СДСМ
Сопруга на градоначалник на ВМРО назначена за член на Судски совет. Советник на Мицкоски во Уставниот суд. Татко на министер е советник во Владата Мицкоски, истакнуваат од СДСМ.
„161 тендер за семејната фрима на Томовски, каде е неговиот татко но и негов близок роднина.
51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините. А тендерските шеми со поврзани фирми водат до таткото на Нелоски, шефот на кабинет на Мицкоски.
Во Алта Банка цела структура на ВМРО. Од Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО па до баџанакот на Тошковски.
Во Народна банка, за Гувернер, наместо експерт – Трајко Славески, поранешен министер во времето на Груевски.
На чело на АНБ, претседателот на Градскиот комитет на ВМРО.
Томовски назначен за втор организациски секретар во ВМРО, да организира тендери.
Сменети сите потпретседатели во ВМРО, останат е само чуварот на фотелјата Мицкоски“.
Ова, додаваат од СДСМ, не е само непотизам и партизација, ова е ОКГ – Организирана криминална група.
„ВМРО-ОКГ. Нема демократија ниту во името.
Македонијо, 2016 ни чука на врата, ни се враќа Никола Груевски“.
Македонија
Мицкоски во Германија: Разговараме и привлекуваме реномирани светски компании кои веруваат во потенцијалот на нашата држава
Денеска во Минхен остварив работна средба со менаџментот на германскиот гигант Schwarz Group, под чија капа работат светски познатите брендови „Lidl“ и „Kaufland“, објави на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски кој од денеска е во Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
„Разговаравме за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја.
Ги отвораме вратите за домашните компании да ги пласираат своите производи во големите европски синџири.
Продолжуваме да разговараме и привлекуваме реномирани светски компании кои веруваат во потенцијалот на нашата држава“, пишува Мицкоски во објавата на социјалните мрежи.

