Македонија
Во ФЗОМ околу 40.000 граѓани нема да одат по шалтери за документи
Во Фондот за здравствено осигурување денеска беше промовирана кампањата „Нема повеќе трчање по шалтери“, откако по стапувањето на сила на Законот за општа управна постапка, се овозможи граѓаните да добијат потребен документ, без да носат други документи.
Министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски и директорот на ФЗОМ, Маја Парнаџиева – Змејковска го промовираа проектот, а група волонтери делеа флаери на осигурениците на кои беше објаснета целата постапка.
Целта на кампањата е да се запознаат подобро граѓаните кои се нивните права, доколку некоја институција или вработен во институцијата ги одбие да ги прибави потребните документи по службена должност.
Фондот најпрво се ослободил од барање непотребни документи, па така од досега бараните 54 документи за различни документи што ги издава ФЗОМ, сега се потреби половина од нив, од кои дел се обезбедуваат електронски, а дел ќе се набавуваат по службена должност.
„За сите 20 видови барања, вкупно 54 документи сме барале од други институции, а во моментот тој број е преполовен, бидејќи сите документи коишто ни биле потребни од Управа за јавни приходи, од Пензискиот фонд и од Агенцијата за вработување ги укинуваме како непотребни и истите ги обезбедуваме електронски“, вели Маја Парнаџиева – Змејковска, директор на ФЗОМ.
Таа појасни дека сите документи коишто останале како задолжителни да се обезбедуваат во прилог на барањето на граѓанинот во писмен формат и коишто се уште институциите не можат електронски да им ги обезбедат, ФЗОМ ги обезбедува преку комуникација со институциите.
Граѓанинот ќе треба да поднесе само барање за одредена постапка, или да достави отпусни писма, фискални сметки во зависност од барањата.
„Со оваа мерка очекуваме дека конкретно во ФЗОМ 40.000 баратели на услуги годишно нема да одат на повеќе шалтери. Денеска правиме една мала кампања, почнуваме од Фондот за здравствено осигурување, од подрачната единица затоа што ФЗОМ е една од трите институции кои нудат најмногу услуги и имаат најмногу посетители годишно“, рече министерот Ивановски.
По службена должност ФЗОМ ќе бара Изводи од матична книга на родени и документи од Министерството за труд и социјална политика за одредени специфични категории осигуреници.
„За прв пат како Фонд во име на граѓаните ќе обезбедуваме и документи за лекување во странство, односно фактури во комуникација со странство со болниците од другите држави како и од лекарските комисии коишто нема да бидат потребни граѓанинот да ги носи со себе“, рече Парнаџиева – Змејковска.
Се планира во наредните неколку месеци да се воведе електронско доставување на барањата од граѓаните, па не само што воопшто нема да носат документи, туку нема да има потреба да доаѓаат во Фондот./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

