Македонија
Џафери: Македонија подготвена да го сподели своето знаење и искуство со БиХ
Република Македонија безрезервно ја поддржува Босна и Херцеговина и изразува подготвеност за пренесување на сите искуства и научени лекции, е пораката што министерот за одбрана Талат Џафери ја упати за време на престојот во средата во Сараево.
Во текот на посетата министерот Џафери оствари средба со министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зекеријах Осмиќ на која стана збор за одличните односи и плодната соработка помеѓу двете земји, особено во областа на одбраната. Воедно, министерот Џафери истакна дека Македонија е подготвена да ги сподели научените лекции и искуства во процесот на реформирање и приближување кон полноправно членство во Северноатлантската алијанса.
При престојот во Босна и Херцеговина, министерот Џафери, го посети и кампот „Бутмир” каде се сретна со македонските мировници кои се дел од операцијата ЕУФОР-АЛТЕА, на кои им честита за прикажаните вештини и професионалност во извршувањето на задачите, оцена која ја споделуваат и раководните структури на ЕУФОР-АЛТЕА и им посака успешна работа и во иднина.
Истовремено, на средба со шефот на штаб, бригадниот генерал Јозеф Спишјак, во командата на ЕУФОР, министерот Џафери истакна дека Македонија во релативно краток период од корисник прерасна во сериозен контрибутор кон етаблирањето на мирот и демократијата во глобални рамки и дека нашата држава и во иднина ќе продолжи да придонесува кон истото. Министерот Џафери го посочи и придонесот на Македонија во заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија, како дел од севкупните евроинтегративни напори на нашата држава, додавајќи притоа дека интегрирањето на регионот во ЕУ и во НАТО е клучен предуслов за стабилност и економски просперитет.
При посетата, делегацијата од Министерството положи и венец со свежо цвеќе на споменикот на загинатите припадници на АРМ во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце на 12.01.2008 година, при враќањето од мисијата АЛТЕА.
Во рамките на операцијата ЕУФОР-АЛТЕА, Македонија придонесува со вкупно 11 лица – медицински тим РОЛЕ-1, медицинска поддршка во кампот во Бутмир во Сараево, и со помошник правен советник во Командата на ЕУФОР. Македонија и Босна и Херцеговина својата билатерална соработка ја базираат на годишните Планови за билатерална соработка кои вклучуваат поголем број активности во областа на образованието и едукацијата, меѓу кои и школувањето на тројца питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” – Скопје. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Две четиричасовни блокади на граничниот премин Евзони
Грчките земјоделци го затворија граничниот премин Евзони кон нашата земја за влез и излез од Грција за сообраќај на сите возила до 16 часот по грчко, односно 15 часот по македонско време, а за попладне планирана е втора четиричасовна блокада од 18 часот по локално време.
По пауза од четири дена и отворени автопатишта и гранични премини за време на Божиќ, земјоделците од денеска одново ги вратија блокадите на низа локации во цела Грција.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

