Македонија
Обраќање на Иванов на Форумот за млади
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во сабота ќе има поздравно обраќање на Форумот за млади – „Улогата на религиите во градењето на толерантна младина”, како и на официјалното затворање на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог – „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи”.
Форумот за млади се одржува во рамки на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и се стреми да прерасне во нејзин дел кој континуирано ќе се развива и надградува.
На Форумот за млади ќе учествуваат млади номинирани од верските групи и религиозните заедници во Република Македонија, како и претставници од трите генерации на Школата за млади лидери, која се организира под покровителство на претседателот Иванов.
Целта на Форумот е да ги актуелизира младите како клучен фактор во градењето на меѓурелигиска толеранција. Фокусот на дискусиите во рамки на Форумот ќе ги опфати практиките и искуствата за работа со младите во мултирелигиозни, мултиетнички и мултикултурни средини, улогата на младинските невладини организации во создавањето на вредносни системи кај младите, како и аспектот на социјалните мрежи, младите и духовноста.
Покрај поздравното обраќање на претседателот Иванов, свое обраќање на Форумот ќе има Мухамед Мешиќ, на тема „Млади луѓе и верската различност: кон ерата на глобална толеранција” при што ќе ги сподели своите искуства од животот и работата на многуте светски меридијани, искуствата на неговата Босна и Херцеговина, како и неговиот личен пример на мултикултурност со муслимански, христијански и еврејски роднини. Мешиќ, кој зборува 71 јазици, има работено на четири континенти и е еден од предавачите на Школата за млади лидери.
Како специјални гости на Форумот се поканети претставници од домашни и странски младински организации, кои, меѓу другото, во своите активности посветуваат внимание на меѓурелигискиот дијалог, односно на прашањата од областа на религијата, културата и духовните вредности.
На Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, преку размена на мислења и искуства на претставници на различни религии и култури, се очекува да бидат промовирани религијата и културата како фактори на мирот, како и да се укаже дека почитувањето на верските права и културната разноликост претставува темел на мирот и просперитетот.
Првата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на тема „Придонесот на верата и културата кон мир, заемна почит и соживот”, се одржа од 26 до 28 октомври 2007 година во Охрид, додека Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, на тема „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите”, се одржа од 6 до 9 мај 2010 година во Охрид. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

