Македонија
Британска донација за подобрување на на јазичните вештини на АРМ
Голем број учебници, софистицирана информатичка опрема за интерактивно учење и модерен софтвер е предмет на донацијата на Обединетото кралство за Центарот за странски јазици во Армијата на Република Македонија.
Донацијата во петок свечено беше предадена во касарната „Илинден“.
„Целта на обезбедената донација е подобрување на јазичните вештини на целокупниот персонал кој соработува со НАТО силите и учествува во НАТО операциите, вежбите и обуките“ рече министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, истовремено истакнувајќи дека со неа несомнено се продлабочува и билатералната соработка која е веќе поставена врз база на пријателство и меѓусебно почитување.
Познавањето на англискиот јазик беше првиот чекор кон достигнувањето на интероперабилноста на НАТО, и оваа донација претставува импулс и мотив за освојување нови височини во знаењата на англискиот јазик, посочи началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески за време на церемонијата.
Тој укажа и на фактот дека со процесот на декларирање на единици на АРМ, и нивното учество во мисии предводени од ООН, НАТО и ЕУ, Центарот за странски јазици, како дел од Командата за обука и доктрини се етаблираше како клучен чинител во подготовката на македонските мировници.
Кристофер Ивон, амбасадор на Обединетото Кралство во Република Македонија, се осврна на одличната соработка помеѓу двете земји, како и на тоа дека Обединетото Кралство е еден од најголемите и најблиските поддржувачи на Република Македонија на патот на евроатлантското интегрирање, истовремено додавајќи дека така ќе остане и во иднина.
„Поради големиот импакт во светски рамки, не потценувајќи ги останатите јазици, англискиот јазик е ефикасна алатка за комуникација во оперативните средини, со што значително се влијае на интероперабилноста“, рече амбасадорот Ивон во своето обраќање пред присутните високи гости од МО и АРМ и военото аташе на Обединетото Кралство во Република Македонија.
Оваа донација во вредност од околу 10.000 фунти, ќе им овозможи на припадниците на АРМ да следат современа јазична настава од учебници кои се дел од престижни универзитети во Обединетото Кралство, како Оксфорд и Кембриџ. Новите техники на вршење на наставата се овозможени со помош на т.н. „паметна табла“, која ќе придонесе кон уште поголема интерактивност и аналогно на тоа, поголеми резултати во изучувањето на англискиот јазик.
Центарот за странски јазици денес располага со 20 опремени училници, седум аудио лаборатории и една компјутерска лабораторија, во кои секојдневно следат настава над 100 припадници на АРМ. Во изминатите 10 години, обука во Центарот успешно завршиле над 300 припадници на АРМ. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

