Македонија
Груевски: Македонија има сила и мора да ја направи лустрацијата и да излезе уште посилна и поединствена
Македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето на Мечкин Камен по повод националниот празник 2-ри Август – Илинден, се наврати и на прашањето за лустрацијата, за кое, како што нагласи – е прашање на линија на слободата, правдата, правдината кои беа светли водилки на востанијата и борбите за државност.
„Лустрацијата е процес кој е значаен за општеството и ја ужива поддршката од јавноста, и покрај сите обиди на некои структури да се спротивстават или да го оспорат“, порача премиерот Никола Груевски.
Груевски потенцираше дека целосно е неточна и невистинита тезата дека наводно со лустрацијата се нарушувале принципите на асномска Македонија, што во последно време некои критичари кои се засегнати од овој закон и од процесот, затоа што според премиерот на тој начин се нарушува нивниот абнормален комодитет и стекнати позиции, но најмногу поради знаењето на фактот дека со овој процес на лустрација кој ние како Влада го поддржуваме, посочи, се уриваат политичките позиции на партиите кои овие дежурни критичари ги поддржуваат.
„Како може да се нарушат принципите на асномска Македонија, кога луѓето кои ја создадоа асномска Македонија и кои денес ги славиме, како Методија Андонов Ченто, Панко Брашнаров, Владимир Полежина, Бане Андреев, Петре Пирузе Мајски и илјадници други беа малтретирани, затварани и шиканирани и испратени на Голи Оток и по затворите, токму од тој ист режим кого преку лустрацијата сакаме да го демаскираме?“, запраша Груевски
„Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога сака да ги расветли темните вилаети од нашата историја во кои без суд, а само со кодошлак беа уништувани судбини, не беа објавувани книги, беа следени луѓе, беа бркани луѓе од работа? Како може лустрацијата да биде против асномска Македонија кога гледаме сите од досиејата дека кодошите и службите го претставувале како грев залагањето за македонски национални права, за македонска култура, за македонскиот јазик, за македонското национално прашање, а тоа се токму придобивките и постулатите кои ние денес на овој ден ги славиме и им се поклонуваме? Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога кодошите ги кодошеле сите македонски национални дејци, автори, писатели, актери, режисери, општественици кои се залагале токму за принципите на асномска Македонија, наместо принципите за кои се залагале кодошите на кои подраго им било југословенството пред македонизмот, и кои сметале дека Трст е најбитен?“, истакна Груевски.
Премиерот упати порака дека лустрацијата не е против асномска Македонија, туку дека е најголем сојузник на асномска Македонија. „Јас сум сигурен дека да би можеле денес неа би ја поздравиле сите оние кои учествуваа на АСНОМ во 1944, како врвен израз на силата на општеството и базирана на правда и на вредностите’, рече Груевски.
Груевски потсети и на спомените на тоа жестоко време поминато на Голи Оток од Петре Пирузе Мајски цитирајќи ја неговата исповед: „Никогаш не сум можел да верувам дека оној за кој си готов да го дадеш својот живот, така сурово и без вина ќе те измачува и ќе стане твој џелат…А ете и повеќе од три децении да бидеш суштество без своја личност и тоа во земјата што со крвта си ја градел“
Со тоа, според Груевски, се искажува сета болка и чемерот што тогашниот режим му ја направил на еден од творците на асномска Македонија.
„Затоа, ние имаме обврска да ги осветлиме тие моменти и простор во кои тогашниот систем за кој се бореле творците на асномска Македонија се повампирил и од систем станал жесток режим кој ги јадел и своите деца. Токму тој режим ги дезавуирал вистинските вредности на асномска Македонија и ние демаскирајќи го тој режим не ја напаѓаме, туку ја заштитуваме асномска Македонија и тие вредности“, рече Груевски.
Се осврна и на судбината на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, чии искажувања исто така ги цитираше во долгиот сеопфатен илинденски говор, во кој се осврна и на интегративните перспективи на Македонија и направи паралеле меѓу минатото и актуелниот миг: „Јас не жалам оти ќе умрам. Само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, туку затоа што идните поколенија треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да знае кој и зошто гинел и кој што направил за неговата слобода“.
„Ако тој крвнички режим го понижил, разболел и не му дозволил да остави своја пишана трага за нашата борба на првиот претседател на Републиката и творецот на асномска Македонија, денес ние не смееме да дозволиме некои структури да не дозволат демонтирање на тој режим и неговите последици и повторно некој да ги спречи идните поколенија да ја знаат вистината, како што не советувал и самиот Ченто пред педесетина години“, потенцираше Груевски.
Рече и дека со спроведувањето на процесот на лустрацијата се докажува дека Македонија има сила и развиено општество, и не се срами да ги истражи темните петна на режимот во минатото. Груевски признава дека тој процес е болен, меѓутоа нагласи и дека мора да биде направен.
„Така ќе покажеме и докажеме дека ние имаме сила и имаме изградено институции во секоја сфера на општеството кои не зависат од никого, туку истрајуваат, а уште побитно ќе докажеме дека имаме силен темел кој не може да биде разрушен“, порача Груевски.
Додаде дека и Македонија, како и сите источноевропски држави, може и мора да го заокружи процесот на лустрацијата, бидејќи „ние не сме ништо понеконкурентни од овие држави коишто ја направија, и затоа и Македонија ќе ја направи до крај лустрацијата и од тој процес ќе излезе уште посилна и поединствена, ослободена од тежина“, истакна Груевски./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

