Македонија
Законот за градење го помина првото читање
Со 49 гласа „за“ и 12 „против“ Собранието на Република Македонија одлучи Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за градење да продолжи на натамошно читање.
Со измените на Законот за градење им се дава можност на советите на општините, или Советот на Град Скопје да ја прифатат иницијативата за промена на надворешниот изглед на фасадите на објектите во централните делови на градовите за чија реконструкција ќе треба да одвојат пари од општинскиот буџет односно трошоците за фасадите да ги сноси самата општина, истакна заменик министерот за транспорт и врски, Џељаљ Бајрами.
Според пратеникот Јани Макрадули од СДСМ вакво законско решение не постои во ниту еден нормален свет.
„ВМРО ДПМНЕ, носи закон со кој што ќе ви го преуреди станот со одлука на Совет за да ви стави барокна фасада. Зошто мислите дека во вашата куќа што сте ја граделе, по ваш вкус, онака како што сте се мачеле, сте одвојувале од платите, да дојде некој минлив Совет на општина кој трае 4 години, а вашата зграда, куќа приватна со години таму и традиција и некој да одлучи да ја направи барокна“, праша Макрадули.
Со измените, како што прецизираше Бајрами, само може да се менува изгледот на зградите, но не и нивната намена и додаде дека средствта за таа намена претходно треба да бидат предвидени во годишната програма на советот.
Пратеникот Благоја Стојановски од СДСМ праша како ќе се дефинира што е тоа централно подрачје и општ интерес и укажа на тоа дека со овие измени длабоко се навлегува во правото на приватност и на сопственост, при тоа без да се бара согласност од советот на станари, па според него предложеното законско решение е „најбезобразно и најгрубо кршење на Уставот“.
Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ во реплика истакна дека тоа лесно се дефинира и оцени дека централно подрачје за секој град претставува дел кој треба да биде репрезентативен и е од значење за сите граѓани.
За ДПА предложеното законско решение е неуставно и не треба да се гласа.
Панче Орцев од СДСМ во своето излагање посочи дека ова законско решение е кулминација и е полно со негативности.
„Секој совет во секоја општина во земјава ќе може да донесе одлука со која ќе може да го дефинира изгледот на фасадата на било кој објект без разлика дали е државен или приватен и дали сопственикот се согласува или не, рече Панче Орцев од СДСМ кој нагласи дека Законот се носи за да може да се направат барокни фасади на објектите на МЕПСО, ЕЛЕМ и ЕВН, како и на Градскиот трговски центар во Скопје./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

