Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови
Сообраќајот на сите патишта во Македонија се одвива во зимски услови, по влажни коловози со наместа остатоци од кашест снег на коловозот.
Поради појава на магла, намалена е видливоста до 50 метри кај Тетово – Скопје, Велес – Штип, Неготино – Градско, Кула – Катланово, Катланово – Велес.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Нa граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони. крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини
Времето денеска ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините врнежите ќе преминуваат во снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3 , а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажни воздушни бранови во среда и четврток ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 25 л/м2 за 24 часа). На планините врнежите ќе бидат од снег при што ќе се формира снежна покривка од 5 до 10 см. Поради спуштање на постуден воздух од север, врнежите ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Од петок ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Делови од Карпош и Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска:
· поради промена на вентил ф-2“ на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10, 12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(Карпош)
· поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.

