Македонија
Управен суд: Тужбата на СДСМ е недозволена
Тужбата на СДСМ за времена мерка со која би се стопирале решенијата што ги изготвува Собранието на Република Македонија за 34-те пратеници е недозволена.
Ова е оценката на Управниот суд кој во петокот донесе одлука да ја отфрли прогласувајќи се себеси за ненадлежен за постапување по овој основ.
„Пред Управниот суд не може да се поведе управен спор за работи, за кои врз основа на уставните овластувања директно одлучува Собранието”, стои во судската одлука.
Од оваа институција сметаат дека нивна надлежност е да постапува само во случаи кога Собранието донесува акти за именување и разрешување носители на јавни функции и на државни службеници кои се на раководни функции, доколку со закон не е определен друг начин на постапување.
Од СДСМ сметаат дека ова е доказ за партизираноста на судството и неговото дејствување како продолжена рака на власта.
Партијата останува на ставот да не се прифатат мандатите, а изјавите дадени на нотар ги сметаат како неспорни и дозволени./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Јавното здравство троши сè повеќе, а дава сè помалку“, истражување на Центарот за граѓански комуникации за јавните набавки во здравствениот сектор од 2015 до 2024 година
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за јавните набавки во здравствениот сектор во периодот од 2015 до 2024 година.
Истражувањето „Јавното здравство троши сè повеќе, а дава сè помалку“ покажа дека:
» Трошоците за јавни набавки во здравството во последните 10 години се зголемија два и пол пати, односно од 126 милиони евра во 2015 на повеќе од 315 милиони евра во 2024 година. Инфлаторните фактори не се доволни за да се објаснат огромните скокови во вредноста на набавките.
» Постои јаз помеѓу зголемената вредност на јавните набавки наспроти падот на дадените услуги во јавните здравствени установи што отвора сериозни сомнежи дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства, наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита.
» Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност – тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува. Во периодот 2015 – 2024 година, бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален за 14 %, а на болнички денови за 24 %.
» Растечките трошоци за јавни набавки не можат да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Во последните три години е евидентиран пад на специјалистичките прегледи за околу 700.000, односно за 19 %. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 %.
» Со оглед на тоа што сè уште не е воспоставен Националниот систем за материјално-финансиско работење во јавните здравствени установи, како законска обврска предвидена уште од 2015 година, големите разлики во вредноста на тендерите наспроти дадените услуги упатуваат на висок ризик од злоупотреби, односно на тоа лековите и реагенсите да не се искористени за пациентите во јавните здравствени установи.
» Големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравството е проследен со сè помал број понудувачи на тендерите. Речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач.
» Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност бидејќи се спроведуваат за веќе одбран апарат, што значи дека, уште пред да почне постапката, јасно е кој ќе го добие тендерот. Апаратите се претходно добиени како донација, земени на користење од фирми кои продаваат реагенси или, пак, купени.
Набавките на реагенси и тестови на годишно ниво достигнуваат и до 29 милиони евра и се зголемиле за 81 % во периодот на анализа.
» Двогодишните тендери за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и сензори за мерење гликемија, вредни и до 39 милиони евра, се спроведуваат во постапки во кои отсуствува конкуренција, а дополнително склучените договори се анексираат. За период од 10 години, бројот на пациенти на инсулинска терапија е зголемен за 21 %, а вредноста на договорите за 77 %. Програмите за обезбедување инсулин од година во година се сè покуси, а извештаите за реализација на програмите не се објавуваат редовно и недостига јавен отчет за потрошеното.
» Тендерите за вакцинацијата на населението се финансиски сè поголеми, а набавките во одредени години се проследени со слабости – од планирање до неуспех да се склучат договорите навреме.
» Трошоците за лекови за ретки болести во последната декада скокнале од 1,5 милион на 19 милиони евра. Овој голем пораст се случува во услови кога Државниот завод за ревизија укажува дека Министерството за здравство нема целосни податоци за тоа дали терапиите навистина ја подобруваат здравствената состојба на пациентите. Причината е што за поголемиот дел од болестите за кои се набавуваат лекови не се спроведува евалуација, како што е предвидено со Програмата за лекување ретки болести.
» Еден од факторите на корупција е и немањето доволно квалификуван кадар за спроведување на набавките. Истражувањето открива дека од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
» Без ефикасни механизми за надзор и следење, големи суми јавни пари ризикуваат да се потрошат без да се постигнат пропорционални подобрувања.
До целото истражување може да се прочита на следниот линк
Македонија
СДСМ: ИПАРД 3 програмата е суспендирана поради корупцискиот мега скандал на власта
Се потврди најлошото, ИПАРД 3 програмата е суспендирана поради корупцискиот мега скандал на власта, велат од СДСМ.
„Земјоделците остануваат без потребната поддршка, поради корупција, партизација и неспособност на кадрите на ДПМНЕ. Суспендирањето на ИПАРД 3 програмата е тежок удар врз македонското земјоделство, врз илјадници земјоделци и компании кои веќе имаат склучени договори и реализираат инвестиции. Овој мега скандал е показател за систем на корупција и клиентелизам што целосно ја разорува довербата на граѓаните во институциите. Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство биле известени за суспензијата уште во петокот, но не ја информирале јавноста“, велат од партијата.
Од СДСМ прашуваат кој ќе понесе одговорност за овој, како што велат, мега скандал?
„Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Кој ќе одговара за криењето информации од јавноста? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка? Оние што се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Мицкоски и блиски соработници на Трипуновски од министерството, затоа политичката одговорност за овој случај мора да има. Ќе го повика ли Мицкоски на одговорност Трипуновски или ќе продолжи да го штити?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Зелен хуман град: Пратениците сите до еден гласаа против нас, обичните смртници
„Во македонското Собрание во екот на предизборието овој септември се случи нешто што мора да остане запаметено: од 98 присутни пратеници, ниту еден не гласаше против Законот за контрола на индустриски емисии. Овa е првпат во закон што уредува деликатна област која директно го засега нашето здравје и животната средина да се воведе институт „деловна тајна“, велат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
„Со еден потег, сите пратеници – и тие што гласаа и тие што преќутеа – им овозможија на загадувачите да кријат информации за процесите што ги спроведуваат, за материјалите и суровините што ги користат и за последиците што ги предизвикуваат врз нашите животи.
Да си додадеме сол на рана, текстот на законот го поздравија и го поддржаа „Усје“ и „Макстил“. Тоа само по себе кажува за кого е пишуван и во чии интереси е донесен.
„Деловна тајна“ досега постоела само во Законот за тутун и производи од тутун, каде што листата на емисиите од секоја марка цигари се сметаат за тајна. Истото тутунско лоби со години се бореше да ја сокрие вистината дека цигарите предизвикуваат рак. Илјадници прерано згаснати животи подоцна, вистината стана јавна.
Денес, нашите пратеници го прават истото, го легализираат загадувањето криејќи се зад „европски стандарди“.
Во земја со највисока стапка на заболување и на смртност од рак на бели дробови во регионот, наместо транспарентност, добиваме мрак. Наместо заштита на нашето здравје, добиваме заштита на индустриските интереси“, се наведува во соопштението на граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Од таму велат дека ќе продолжат „да се борат против оваа мафијашка логика“.
„Нашето право да дишеме чист воздух може да ни го одземат само ако се предадемe!“, додаваат од Зелен хуман град.

