Македонија
Одбележана петгодишнината од смртта на претседателот Трајковски

Македонија денеска одбележа пет години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски година и осуммината соработници и членови на екипажот
Македонија денеска одбележа пет години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски година и осуммината соработници и членови на екипажот во авионската несреќа во Босна и Херцеговина.
Државна делегација претпладнево положи цвеќе на гробот на претседателот Трајковски во Алеја на Великаните, на градски гробишта –Бутел во Скопје.
Македонска делегација во која се потпретседателот на Собранието Рафис Аљити, министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, како членови на семејствата на загинатите положија цвеќе на Спомен обележјето во Ротимље, Босна и Херцеговина.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски напладне по повод годишнината од смртта на Трајковски, имаше обраќање пред пратениците во Собранието. Одбележувањето беше проследено и со меѓународен младински лидерски форум во Скопје.
Истрагата за трагедијата беше полна со контроверзи, а македонските и босанските власти како причина за уривање на авионот посочија на пропусти на екипажот. Министерството за внатрешни работи најави нова проверка на анализите на воздухопловните експерти за несреќата, со претпоставка дека ќе се дојде до информации врз основа на кои Обвинителството ќе отвори нови истрага.
Собранието лани формираше Анкетна комисија за утврдување на околностите на несреќата. Претходно во 2008 година, Обвинителство го одби барањето на Министерството за внатрешни работи да се отвори повторно истрага за несреќата, со образложение дека нема нови докази за повторување на истражната постапка.
Авионот со кој претседателот патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина се урна во атарот на Матиќ Брдо, кај селото Хусковиќи во близина на Мостар.
Со претседателот загинаа, советниците во Кабинетот, Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан-Лозановска, Миле Крстевски од МНР, членовите на обезбедувањето на претседателот Борис Велинов и Аце Божиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски./крај/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.